Ангеловски: Двата меча ќе бидат подготовка за плејофот против Косово

фото: ФФМ

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски го објави списокот од 23 фудбалери на кои ќе смета за последните два натпревари од квалификациите за ЕП 2020 година против Австрија (16. ноември) и против Израел (19. ноември).

Висар Муслиу, Бобан Николов и Илија Несторовски поради жолти картони нема да бидат во комбинација за настап за натпреварот против Австрија, додека поради повреда Аријан Адеми ќе ги пропушти последните два квалификациски натпревари од циклусот за Европското првенство 2020. Дебитант во најдобрата македонска репрезентација е фудбалерот на Вардар, Даниел Аврамовски, а повратник во тимот е Никола Ѓорѓев од швајцарски Грасхоперс.

Иако Македонија ги загуби шансите за пласман на ЕП 2020 преку квалификациите иако теоријата вели дека сè уште постојат шанси за освојување на второто место во групата, но за да се случи тоа потребно е Австрија на последните два дуели со Македонија и со Летонија да не освои ниту еден бод.

– Посакував до крај да бидеме во игра за ЕП, а до пред еден меч бевме во таква игра. Не е сеедно како ќе заврши за нас секој меч, а не пак цели квалификации. И сега теоретски имаме шанси, ама треба да бидеме реални. Ќе бидеме максимално фокусирани и сакаме да го извлечеме максимумот на секој меч. Австријците не надиграа во Скопје, ќе се обидеме да докажеме дека тоа беше лош ден за нас. Ќе одиме да се надигруваме, ги браниме боите на државата и веруваме во позитивни резултати. На овие два меча ќе треба да се подготвиме и за плејофот против Косово во Лигата на нации со оглед дека нема да имаме можност за пријателски натпревари. Овие мечеви треба да пробаме тактички да се довоиграме, иако мислам дека сме доволно воиграни. Јас во глобала сум задоволен од досегашните настапи во квалификации, имаме 11 бода, плус имаме две победи со Летонија, позитивен скор со Словенија, реми од Израел… – вели Ангеловски.

Селекторот посакува на натреварот во Виена неговите избраници да покажат дека убедливиот пораз во Скопје беше само лош ден.
– Австрија заслужено нè надигра на тој меч, беа доминантни и заслужено нè победија. Дали бевме истрошени од првиот меч со Полска и заокружено со лошото издание, одигравме под ниво. Сега имаме шанса да го докажеме спротивното и да одиграме најдобро што можеме, за да покажеме дека во Скопје имавме лош ден – додава селекторот.

Собирот на репрезентативците е закажан за в понеделник (11. ноември) а во Австрија за патува во петок (15. ноември). Натпреварот со Австријците се игра на 16. ноември, а пресметката со Израел во Скопје е на 19. ноември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот