Ангеловска-Бежоска: Можам да ја потврдам стабилноста на денарот на денот на монетарната самостојност
– И денес, на денот кога пред дваесет и седум години беа донесени повеќе закони со кои се создадоа предуслови за осмислување и примена на самостојна монетарна политика од страна на Народната банка, со сигурност можам да потврдам дека денарот е стабилен. Монетарната стратегија на одржување стабилен курс на денарот во однос на еврото е оптимална за нашата економија и компатибилна со нејзините структурни карактеристики. Курсот на денарот постојано е во согласност со нивото што го налагаат економските фундаменти – изјави гувернерката.
Таа истакна дека оваа констатација, што редовно ја потврдува и ММФ е уште една потврда дека Народната банка го има избрано вистинскиот пат за остварување на своите цели.
Оценува дека стабилноста на домашната валута директно придонесува за ниската и стабилна инфлација и за стабилниот финансиски систем, кои пак се важни предуслови за креирање поволен амбиент за поддршка на економскиот раст.
– Од моментот кога се креираше институционалната рамка на монетарниот систем на земјава и кога се воведе денарот како парична единица, па до денес, Народната банка успешно одговори на бројни предизвици од различна природа. Сето она што е постигнато досега е резултат на влогот што го остварија многу наши колеги – посветеници на централноабанкарското работење кај нас. Постигнатото е резултат и на влогот на сите наши претходници кои во судбоносни моменти донесоа исправни одлуки – посочи гувернерката.
Таа потенцира дека тие кои денес го сочинуваат тимот на Народната банка, веќе одлично чекорат кон Европскиот систем на централни банки.
– Секојдневно сме посветени на усвојување и на највисоките меѓународни стандарди во различни сфери од централнобанкарското работење – вели гувернерката.
– Во Програмата на Народната банка за оваа година се предвидени голем број активности и проекти, од кои некои веќе се започнати. Верувам дека со нашата целосна посветеност и со напорите што ги вложуваме и ќе ги вложуваме за воведување новитети и за натамошни унапредувања, и натаму успешно ќе се движиме до целта кон која води патот што го имаме избрано – европското централнобанкарско семејство – вели гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска.