Анализа на белградски професор: Србија е единствената земја во Европа која го врати деспотскиот режим

Фото: Профимедиа

Србија е единствената посткомунистичка земја во која се случува политичка реставрација и земја која по речиси стотина години во Европа го врати деспотскиот режим, стои во оцената на политиколошката анализа во новиот број на научното списание „Трагови“.

Професорот на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Белград, Милан Подунавац, српскиот режим од 1989 година до денес го нарекува „нов деспотизам“, во кој не припаѓа владеењето на Зоран Ѓинѓиќ и следбениците.

– Србија имаше несреќа во последните педесет години да ги роди двата најагресивни режими во современа Европа и е единствена посткомунистичка земја во која на дело има политичка реставрација –  смета експертот за современи политички теории, професорот Милан Подунавац.

Деспотизам е форма на неограничено и самоволно владеење на деспот, титула која ја носеле некои српски владетели на крајот на 14 и во 15 век.

„Нов деспотизам“

Подунавац објаснува дека „новиот деспотизам“ е квазилегитимно владеење кое поттикнува јавни пороци како корупција, подмитување и лаги. Таа почива на културата на страв, а структурните принципи на страв, сила, несигурност и нестабилност ги прикрива со привидна слобода и стабилност, се вели во текстот објавен во „Трагови“, индисциплинарно списание за српски и хрватски теми.

Во „новиот деспотизам“ разорени се границите меѓу јавното и приватното, тајното и јавното, формалните и неформалните правила, службеното и неслужбеното општество, а политичките и правните процедури супституираат со перманентен „популистички апел“ на лидерите, стои во текстот.

Политичкиот врв на Србија не го разбрал падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година, а периодот на „новиот деспотизам“ бил прекинат за време на владеењето на Зоран Ѓинѓиќ, за кој по падот на режимот на Слободан Милошевиќ на 5 октомври 2000 година темелно прашање било „како Србија да стане нормална држава“.

Ѓинѓиќ затекнал уништено политичко тело на Србија, морал брзо да ја обнови државата и политичките институции, бидејќи стегите на „стариот режим“ биле пресилни, во што морал да се потпре на политички средства и алатки, вели Подунавец.

Во такви околности Ѓинѓиќ развил особена форма на „кабинетска диктатура“ и покажал недоверба во парламентот, а неговото разбирање на политичкиот радикализам Подунавец го оценува како блиско со „јакобинизмот“.

Колку Ѓинѓиќ бил во право зборува и фактот што Србија за време на неговото убиство и понатаму очигледно била „дуална држава“ со два паралелни центри на моќ: еден во Кулата, кој ги симболизира „црвените беретки“ и другиот во Немањина, кој ја одразува „официјалната политичка власт“.

Нерамнотежата на либералните и демократските алатки на Уставот на Ѓинѓиќ придонеле за се понагласена улога на неинституционалните фактори. Наследникот на Ѓинѓиќ на чело на партијата бил Борис Тадиќ, кој беше претседател на Србија од 2004 до 2012 година. За тоа време повторно се засилуваат актерите на „стариот режим“ кој по изборите во 2012 година ја враќаат Србија во политичка реставрација, истакнува Подунавац.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот