Акцијата „Пасоши“ како кокошката и јајцето: Кој кого саботирал, кој кого принудил да се активира!?

Македонски пасоши/ Фото: МИА

Деветмина вработени во МВР се уапсени како дел од криминална мрежа за издавање македонски пасоши со лажен идентитет (повеќе од 200) во полициската акцијата што уследи само еден ден откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека крупни наркобосови од регионот имаат македонски пасоши и дека во целата операција е замешан највисокиот државен врв. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски постапката на опозицијата ја нарече „обид за саботажа“ на истрагата што траела речиси две години и побара ОЈО да поведе постапка за утврдување кривична одговорност.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски остана на ставот дека министерот Спасовски и премиерот Зоран Заев се на врвот на криминалната пирамида и дека до апсењата воопшто не би дошло доколку неговата партија, повикувајќи се на документи добиени од „свиркачи“ од Министерството, не ја обелоденела целата афера, која тој ја нарече „Мафија“. Се јави и поранешниот министер за внатрешни работи од ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев, со тврдење дека целата истрага била речиси комплетирана во времето на неговото министерување, но со неговата смена била „ставена под тепих“ за да биде активирана дури откако ВМРО-ДПМНЕ ја обелодени аферата. Тој за ова како директно одговорен го посочи министерот Спасовски.

Министерот Спасовски вчера на прес конференција соопшти детали од акцијата.

– Службените лица на МВР им овозможиле на вкупно 215 лица, од кои 214 странски државјани и еден македонски државјанин, да се стекнат со македонска патна исправа под туѓ идентитет. Како поддршка на криминалната мрежа било и лице што не поседува службени овластувања, туку е посредник помеѓу барателите на патни исправи со лажен идентитет и службените лица – рече Спасовски.

Тој рече дека акцијата била спроведена со меѓународна полициска соработка преку Регионалната канцеларија за безбедност на САД, како и Генералниот секретаријат на Интерпол, при што било утврдено дека во еден дел станува збор за лица што се членови на меѓународни организирани криминални групи, наркокартели, лица инволвирани во други сериозни кривични дела и лица за кои е објавена меѓународна потерница со други идентитети.

– При реализацијата на оваа акција се соочивме и со обид за саботажа, која не успеа. Директно од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и од нејзиниот претседател Христијан Мицкоски беа пласирани информации во врска со истрагата, со што директно можеше да се загрози сè што беше сработено од нашите полициски службеници, но и од стратешките партнери и Интерпол. За ваквите обиди за саботажа на акцијата очекувам да се произнесе и Јавното обвинителство. Одговорност мора да има. Уште еднаш посочувам, додека сум јас на чело на МВР, нема да застанеме пред ваквите обиди за заштита на криминалот, туку како досега, така и во иднина – рече Спасовски.

Министерот истакна дека откако овие обиди биле пресретнати, се продолжува со лажни вести, дека наводно оваа акција била почната во периодот кога министер беше  Наќе Чулев, а дека потоа МВР не презела ништо.

Прозваниот претходник на Спасовски, одговори со статус на Фејсбук:

– Недозволиво е земја членка на НАТО и претендент за членство во ЕУ да дозволи со години да биде сериозна логистичка база за најозогласени криминални транснационални картели со активности на сите континенти. Тоа со своето нестручно, непрофесионално и зачудувачки незаинтересирано и дефокусирано однесување, го овозможи актуелното раководство на МВР, на чело со министерот Оливер Спасовски, кој, замислете, имаше речиси цели четири години за да ја заврши истрагата – напиша  Чулев.

Тој тврди дека истрагата била речиси комплетирана во периодот кога тој бил министер, но за да не биде ставена во контекст на парламентарните избори, таа не била обелоденета и завршена. Тој прашува која е причината поради која се чекаше недозволиво долг период кога во континуитет се издавале македонски пасоши.

– Тоа го знае исклучиво Оливер Спасовски и одговорноста е исклучиво негова – пишува Чулев и додава дека на репутацијата на нашата земја во светот со ова и е нанесена ненадоместлива штета.

Мицкоски: Ја навредуваат интелигенцијата на граѓаните

Мицкоски, исто така на Фејсбук, како и ВМРО-ДПМНЕ со соопштенија, ги продолжи своите тврдења дека Спасовски и Заев се на врвот на мрежата што овозможила логистика за наркобосови од регионот.

– Од МВР велат дека акцијата против мафијата започнала уште пред една година, иако ваков пасош бил издаден пред цели четири години. Токму оваа акција ја започна Наќе Чулев, што значи дека претходните три години тие ги преспале, а по министерувањето на Чулев, тие продолжиле да молчат за криминалот на мафијата. Требаше ВМРО-ДПМНЕ да одржи брифинг за да има акција, во која по добро познат метод, а со цел да се скрие врвот на власта, настрадаа административни службеници. Треба да престанат да ја навредуваат интелигенцијата на граѓаните и да одговорат кој е тој службеник кој на мафијашки бос самоволно ќе му издаде пасош? Кој е тој мафијашки бос кој ќе дојде кај некој обичен службеник во МВР за да вади пасош? Живи се фатени во мафијашки скандал. Ако имаме обвинителство, сега треба да се одважи и да реагира – напиша Мицкоски.

Еден од уапсените имал секојдневни контакти со Мицкоски?

Eден од уапсените во аферата со издавањето пасоши на криминалци бил во секојдневен контакт со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски – изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на гостување во „Утрински брифинг“. Тој рече дека ова го кажува според сознанијата и индициите што ги има од истрагата и тврди дека дел од документите со кои располага опозицијата, се добиени преку тоа лице.

Спасовски побарал од Обвинителството да ги испита сите активности за јавните настапи на опозицијата за неодамнешната акција.

– Ако нудите документи и докази, а тоа не го правите во Јавното обвинителство, се отвораат многу дилеми за кои треба да се даде одговор. Ако имаме предвид дека еден од уапсените е во тесна врска и секојдневни контакти со лидерот на опозицијата, тогаш се отвора сериозна дилема зошто тоа е направено. Дел од документите што ги има ВМРО-ДПМНЕ се од институцијата МВР – изјави Спасовски.

Тој рече дека во координација со партнерите акцијата требало да се спроведе за неколку денови, но поради обидот на опозицијата за нејзино саботирање, таа била спроведена завчера. Сепак тој ја оценува како успешна и тврди дека кругот во МВР, кој бил дел од оваа група, е затворен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот