Акциите на Тесла го израдуваа Волстрит

Архива на СП

На Волстрит во вторникот индексот С&П 500 падна, додека Насдак порасна, по претпазливото тргување бидејќи кварталните деловни резултати на американските компании и банки не беа импресивни.

Доу Џонс падна за 1,14 отсто, на 33.910 поени, а С&П 500 падна за 0,20 отсто, на 3.990 поени. Индексот Насдак зајакна, пак, за 0,14 отсто, на 11.095 поени.

Растот на Насдак во голема мера се должи на скокот на цената на акцијата на Тесла за повеќе од 7 отсто, по веста дека продажбата на производителот на електрични автомобили во Кина се зголеми во јануари.

Акциите на Морган Стенли пораснаа за речиси 6 отсто, откако банката објави подобри од очекуваните оперативни резултати за изминатиот квартал.

Поради послабите резултати од очекуваните, цените на акциите на Голдман Сакс и Травелерс остро паднаа.

Во наредните денови и недели инвеститорите ќе се фокусираат на кварталните финансиски резултати на компаниите.

Аналитичарите во анкетата на Ројтерс проценуваат дека заработката на компаниите од индексот С&П 500 паднала за 2,4 отсто во четвртиот квартал од минатата година во однос на истиот период претходната година поради високата инфлација и забавувањето на економскиот раст.

Така, последниве денови на најголемата светска берза се тргува повнимателно, откако цените на акциите нагло пораснаа во првите две недели од новата година.

Ова е благодарение на корекцијата на цените на акциите, по големиот пад минатата година, како и на смирувањето на инфлаторните притисоци во САД, што отвори простор за ФЕД да ги зголеми каматните стапки помалку агресивно.

На пазарот се проценува дека челниците на ФЕД на состанокот во февруари ќе ги зголемат клучните каматни стапки за 0,25 процентни поени, а не за 0,50 поени, како што направија на последниот состанок минатата година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот