Акценти од обраќањето на Мицкоски: Капитулација и бугаризација на земјата на рати, економски геноцид

Христијан Мицкоски/Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Ако нема договор за избори ова лето, ќе преминеме кон целосна блокада на институциите и протести, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашниот протест пред Владата. Блокадата, како што рече, ќе биде за спас од штетата која сега ја плаќаме.

– Некој ќе праша – дали од сето ова ќе има штета. Одговорот е дека најголемата штета сега ја плаќаме, а нашата блокада ќе биде за спас од таа штета. Нема време за чекање затоа што кризата ќе биде уште поголема и уште пофатална. Најтешката зима следи, а со оваа влада ќе биде вистинско економско цунами за народот, рече Мицкоски, додавајќи дека ова лето ќе биде протестно лето.

Рече дека од денес ќе прифати единствено средба со премиерот Димитар Ковачевски на која ќе се разговара само за предвремени избори и за клучните прашања.

– Пред неколку месеци до Ковачевски понудив тимови за помош во повеќе клучни области и средба на која ќе зборуваме за сето тоа. Но, до денес нема никаков одговор. Од денес единствената средба што ќе ја прифатам е таа на која ќе зборуваме само за клучните теми за Македонија и за предвремени парламентарни избори, рече Мицкоски.

Активната блокада на Собранието, како што оцени, ги дала очекуваните ефекти.

Поради погрешната политичка стратегија, како што рече Мицкоски, им се одзема иднината на генерации млади луѓе.

– Како продолжение на таа политичка агресија што се врши врз Македонија, македонскиот народ и граѓаните на Македонија, пристигна последниот предлог кој е актуелен овие два-три дена кој во Владата се прават дека ниту го виделе, ниту, пак, слушнале за него, а тие го договарале, посочи Мицкоски.

Го повика Ковачевски да не го потпишува предлогот и порача дека доколку Владата реши да го донесе овој договор на сила, тогаш дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера да применува ниту една точка од тој договор.

– Излези и одби го овој предлог. Ние стоиме позади тебе. Што се однесува до Бугарија сакам да посочам дека ниту јас, ниту ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати никаков понижувачки договор на штета на нашите национални интереси. Ако Владата реши да го носи надвор од Собранието или на сила, тогаш идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера ниту една точка од овој договор да почитува и применува. Две третини или 80 пратеника менуваат Устав, а тоа зависи од ВМРО-ДПМНЕ. Додека ја сум претседател, нема да се смени Уставот за да бидат бугарските барања дел од него, истакна Мицкоски.

Според него, новиот предлог не е ништо друго освен капитулација и бугаризација на земјата на рати или дипломатски нокаут.

-Во тој предлог нема дата за почеток на преговори, туку има услов ако сакате да почнете отворете го Уставот и исполнете ги барањата на Софија. Не лажеа дека не преговараат за јазикот и за идентитетот и не убедуваат дека по којзнае кој пат го заштитиле македонскиот јазик. Тоа што до вчера беше наш проблем со официјална Софија, со овој предлог станува наш проблем со официјален Брисел и целата ЕУ или попрецизно асимилација, бугаризација, па потоа европеизација или никогаш нема да бидеме дел од ЕУ, рече Мицкоски.

Упати порака и до Бугарија велејќи дека добрососедски односи не се некој да се блокира. – Наместо да не поддржувате, не блокирате. Тоа не се европски вредности, рече Мицкоски.

Мицкоски состојбата во Македонија ја оцени како неподнослива.

-Македонија во овој момент е рекордер во Европа по три работи: првата е криминалот, втората, државата е со најслаб раст на економијата во Европа, и третата земјата има најнизок стандард на граѓаните и со најголема стапка на инфлација. Можеби кризата е увезена, но автентична е неспособноста на кадарот на СДСМ. Најголемиот проблем е инфлацијата која го јаде сечиј домашен буџет. И секое минимално покачување на плата со која се фали Владата, се одзема преку само едно покачување на цените на бензините, не споменувајќи ги покачувањата на сите останати производи. Само едно покачување на цените на бензините, не споменувајќи ги покачувањата на сите останати производи. Всушност сте забележале ли среќен човек кој излегува од пазарање од маркетите? Нема таков затоа што работите кои минатата година сме ги плаќале по една цена денес се двојно поскапи. Половина милион наши сограѓани, луѓе со конкретни лични судбини и стравови живеат со само 150 денари на ден! Повторувам: со само 150 денари на ден! Сиромаштијата го разјадува здравјето на луѓето, а со тоа и здравјето на Македонија! Затоа, час поскоро, брзо и посветено мораме да ставиме одлучна народна точка на овој економски геноцид на Димитар Ковачевски, на Зоран Заев и на СДСМ и ДУИ! Уништениот стандард на граѓаните е последица на криминалот и неспособноста на владата да се справи со ценовните шокови. Она што боли е што илјадници родители си легнуваат со помислата дека се неуспешни поради тоа што државата им го одзема сонот за нивните деца и што илјадници семејства мака мачат како да ги платат сметките за струја и режиските трошоци, рече Мицкоски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот