Адреналинскиот парк чека да стивне пандемијата

Доколку состојбата со коронавирусот биде стабилна и може да им се гарантира безбедност на посетителите, новиот адреналински парк во Карпош ќе биде пуштен во употреба во мај. Од локалната власт информираат дека во крајна фаза е постапката за технички прием и предавање на паркот од Светска банка на Општина Карпош, со оглед на фактот што за овој проект се користат средства – грант од Европската Унија, а постапката ја спроведуваше Светска банка.

– Содржинскиот дел и изведбените активности на Спортско-адреналинскиот парк се целосно завршени. Инфраструктурно се завршени игралиштата за фудбал и одбојка на песок, детското игралиште, адреналинскиот дел, мини скверот, скејт-паркот, како и пристапните патеки низ паркот. Исто така, засадени се и нови дрвја, тревна површина и поставен е систем за наводнување – велат од Карпош.

Отворањето на новата рекреативна зона градоначалникот Стефан Богоев ја најави за минатото лето, кога беше веќе завршен содржинскиот дел на паркот.  

– Десетина луѓе веќе се обучени за инструктори, во рамките на адреналинскиот дел. Ќе бидат ангажирани и лица од Спортско-качувачката федерација на Македонија. Во рамките на паркот се засадија и 70 висококвалитетни дрвја, 30 украсни растенија, а поставен е и систем за наводнување – информираше уште летото Богоев.

Оттогаш до денес состојбата не е променета и паркот иако изграден, сѐ уште не е пуштен во употреба. Општина Карпош за изградбата на овој парк  доби грант од 38.100.000 денари од Европската унија, а Општината партиципираше со околу пет милиони денари.

Во подготовка е уште еден голем проект, реконструкцијата на спортската сала „Партизан“ во Карпош.

– Во завршна фаза е основниот проект, кој го подготвува Агенцијата за млади и спорт, по што ќе започнат активностите за реконструкција на салата „Партизан“.Минатата недела, во теренска обиколка на салата беа стручни лица – статичари, кои извршија дополнителен увид за потребите за подготовка на проектот – велат од Карпош.

Колку за потсетување, уште во мај 2020 година, експертски тим предводен од Страшо Поповски, дипломиран градежен инженер и компанијата „АДИНГ“ АД Скопје, според тогашните информации од Општината, извршиле процена на статичката стабилност и употребливост на салата „Партизан“. Притоа, тие утврдиле дека објектот е направен од армирано бетонска конструкција, која е во генерално добра состојба, по што се констатирало дека нема значајни оштетувања на бетонот, што значи дека со санација на објектот и неговите инсталации „Партизан“ може повторно да се врати во функција.

Два месеца подоцна, во јули 2020 година, од Општина Карпош го соопштија истото како сега, дека во завршна фаза е изработката на основниот проект за реконструкција на спортската сала „Наум Наумовски – Борче“ (Партизан), во Карпош 4.

Основниот проект се изработува врз основа на идејното решение што го избраа граѓаните подготвено од НВО „Културно ехо“, а откако тој ќе биде готов,  Агенцијата за млади и спорт ќе ги почне активностите за реконструкција на култниот спортски објект.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот