1МФЛ: Шкендија сама на врвот, Блажевски му донесе бод на Вардар!

Фото: facebook.com/fcshkendija/

Шкендија ја забележа седмата победа во Првата македонска лига и останува единствената екипа без пораз сезонава. Денеска во 11 коло од шампионатот во градското дерби играчите на тренерот Ернест Ѓока беа подобри од Ренова со 1:3.

Првите два гола беа дело на Љума во четвртата и Кривак во 42 минута од средбата, во вториот дел намалија „гипсарите“ преку Селмани од пенал, а конечниот епилог го постави Ибраими со удар од белата точка.

Доста интересно беше на Градскиот стадион во Струга каде што домашните фудбалери на Струга Трим Лум ремизираа со Вардар (2:2), иако беа многу блиску до освојување на трите бода. За период од три минути стружани веќе имаа 2:0 во првото полувреме благодарение на погодоците на Цветаноски и Цаке.

Непосредно пред паузата намали Мицевски од пенал, а кога се чинеше дека сè е готово, Вардарци на чија клупа не беше тренерот Александар Васоски, постигнаа злато вреден погодок. Блажевски влезе во игра, во тек беше судиското надополнување, популарниот Шиле од слободен удар од околу 25 метри му донесе важен бод на својот клуб.

На другите мечеви, Академија Пандев иако водеше со голот на Стоилов од пенал, Беласица успеа да направи пресврт преку Ивановски и Сулев. Борец убедливо со 3:0 славеше против Пелистер, за велешкиот тим во листата на стрелците се запишаа двапати Ристовски и еднаш Десниќ.

Работнички одигра нерешено 2:2 со Шкупи, Станковски се погрижи за предност на „романтичарите“ во 13 минута, се вратија комплетно гостите од Чаир со головите на Адеми и Бианор, а конечниот епилог го постави Шаркоски.

Прва лига, 11. коло

Сабота, резултати –

Академија Пандев – Беласица 1:2
Борец – Пелистер 3:0
Работнички – Шкупи 2:2
Ренова – Шкендија 1:3
Струга Трим Лум – Вардар 2:2

Недела, 13.30 часот

Силекс – Македонија ЃП

Табела: Шкендија 25 бодови, Шкупи 23, Борец 19, Македонија ЃП 19, Струга Трим Лум 16, Силекс 14, Работнички 13, Вардар 13, Пелистер 12, Ренова 8, Академија Пандев 7, Беласица 5.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот