Зошто екс-генералот Радев се противи Бугарија воено да ја помага Украина

Претседателот на Бугарија, Румен Радев е поранешен пилот во бугарското воздухопловство на авионите Миг 29 од советско потекло

Со залихата на оружје од советската ера, Бугарија, која во исто време е земја со значајна воена индустрија, би можела да биде клучен сојузник на Украина во намерата за одвраќање на руската инвазија. Но, откако парламентот беше распуштен пред новите предвремени парламентарни избори закажани за 2 април, политичката неизвесност во земјата дополнително се зголемува, а техничката влада која беше именувана од страна на бугарскиот претседател Румен Радев, се противи официјална Софија да понуди таков вид на помош на Киев, пишува РСЕ.

Имено бугарскиот претседател Радев кој во јавноста честопати пропагира проруски ставови и е поранешен пилот на воздухопловните сили, уште еднаш оваа недела го повтори својот став кога десетина земји од Европската унија (ЕУ) соопштија дека имаат намера да испорачаат на Украина најмалку еден милион артилериски гранати во наредната година.

“Бугарија не ги поддржува и не е дел од општата акција на испорака на гранати и оружје на Украина”, рече Радев. Тој додаде дека Бугарија ќе ја поддржи европската дипломатска акција за враќање на мирот.

Радев додаде дека Бугарија нема да испорачува борбени летала, противвоздушни одбранбени системи или тенкови на Украина додека техничката влада е на чело на земјата.

Радев, заедно со бугарскиот технички министер за одбрана Димитар Стојанов, неодамна изјавија дека евентуалното празнење на бугарските воени магацини и давање на бугарските тенкови или авиони од советската ера но и системите за противвоздушна одбрана С-300 на Украина, значително би ја ослабнела одбраната на земјата. Софија, исто така, се чини дека ја отфрла понудата од Вашингтон која важи за поглемиот дел од НАТО земјите членки.

Имено Америка изминатиот период се залага да се донира оружјето од советската ера на Украина на оние земји кои го поседуваат а за возврат САД на таа земја ќе им помогнат со пари или замена со модерни западни воени системи. Ваквата понуда веќе ја прифатија повеќе земји од Европа меѓу кои беа и последните Словачка и Грција.

Во меѓувреме Атанас Запрјанов, поранешен заменик на бугарскиот министер за одбрана вели дека бугарската војска има потреба од модернизација, објаснувајќи дека голем дел од нивните залихи веќе се приближно воено истрошени.

„Ви гарантирам дека за пет години, запомнете што зборувам, ќе се каже дека ова старо железо е бесполезно и дека треба да го фрламе и купиме ново“, рече Запрјанов.

Во бугарскиот парламент, противењето на помошта за украинската војска дојде главно од бугарската социјалистичка партија (БСП) и партијата „Препород“. Дури и прозападната влада на Кирил Петков, која беше на власт од декември 2021 година до јули 2022 година, не успеа да ја преброди оваа криза со своите коалициски партнери.

Во мај 2022, парламентот гласаше само за поправката на украинската војна опрема во фабриките во Бугарија, одбивајќи го предлогот на владата да прати пакет на воена помош до Киев.

Сепак, до декември 2022, прозападната фракција успеа да добие одобрување за прв пакет на вооружување за Украина, иако не и тешка опрема. Листата на оружје во тој пакет беше поверлива, но владините преставници рекоа дека Софија главно ќе испрати лесно вооружување и муниција.

До тој момент, Бугарија, заедно со Унгарија на чело со Виктор Орбан, кој е наклонет кон политиките на Русија, беа единствените две земји членки на ЕУ кои ги одбија молбите од Украина за праќање на воена помош.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот