Жителите на Влае, ако мора, ќе „поминат“ преку црква, но не и преку десеткатници

Фото: Борба за Влае

Граѓаните од населбата, организирани од иницијативата „Борба за Влае“, имаат многу забелешки за планот и сметаат дека неговото евентуално донесување во оваа форма во која е предложен, сериозно ќе го дехуманизира животот во Влае.

Жителите на населбата Влае, кои се засегнати со предложениот ДУП Градска четврт 319, можат до петок да поднесуваат анкетни листови со свои забелешки на планот, затоа што тогаш, на 25 март, завршува јавната анкета за овој ДУП, која траеше цел месец.

Граѓаните од населбата, организирани од иницијативата „Борба за Влае“, имаат многу забелешки за планот и сметаат дека неговото евентуално донесување во оваа форма во која е предложен, сериозно ќе го дехуманизира животот во Влае. Тие велат дека се за зелени површини и игралишта, за градинки и спортски терени, за средување на сообраќајните проблеми, па ако мора и за изградба на црква, но се против градење згради на јавен простор и врз постојното зеленило.

Поради тоа и на последната таканаречена маалска средба што се одржа викендов, на која граѓаните уште еднаш покажаа дека се против предложениот ДУП, масовно се делеа и се пополнуваа анкетни листови.

Со Деталниот урбанистички план што го спорат жителите, на местото на инклузивното игралиште на плоштадот Делфина и на дел од зеленилото се планира изградба на црква, на чистинката спроти КАМ е предвидена изградба на станбена зграда П+4+П, а згради ќе има и на просторот на некогашното кино „Влае“ високи и до 10 ката. На јужната страна од Порта Влае, пак,  се планирани монтажни гаражи на две нивоа.

– Според она што може да се пресмета од планот објавен од Општината, вкупната површина за нови градби само на постојно зеленило или јавен простор, кои ние ги обележавме, е 24.550 м2 (вистинската димензија е поголема кога ќе се соберат сите нови улички меѓу куќите, зградите што не ги обележавме и сл.), а вкупното зеленило што ќе остане е 14.637 м2 – објаснуваат од „Борба за Влае“.

Некои од жителите на Влае објаснуваат дека со пристапните улици зацртани во планот се одземаат делови од дворовите на куќите.  

– По пријави од граѓани, забележавме дека меѓу повеќето парцели има пешачки патеки од 3 метри, а на други им се одземаат дури 5,5 метри од двор за пешачка патека?! А во меѓувреме тротоари се прават по 1,5 метар? На некои целосно им оди дворот во улица, а на други им се додава од улицата Ангел Динев. Каде е тука рамноправниот третман?! – реагираат од Иницијативата.

Оттаму додаваат дека во предложениот ДУП има, како што велат, лажирани податоци дека изградените објекти зад маркетот „Тинекс“ се со катност  П+3+ПК, иако тие се изградени со еден кат помалку, а намерата, според нив, е на празните парцели да им се даде поголема катност.

– Во анкетниот лист побаравме објектите да се запишат со реалната катност, планерот да излезе на терен и целосно да го преработи планот. План со лажирани податоци не смее да продолжи понатаму. За ова треба да се алармираат и стручните организации како Комора на овластени архитекти и овластени инженери и Асоцијација на архитекти на Македонија. Ова е целосно потценување на струката. Вакво лажирање и потпикнување катови е против сите етички и професионални стандарди! Вака се стигнува до бројка од 24.247 жители и луда густина од 1.641 жител на хектар во едно мало Влае 2! – тврдат од „Борба за Влае“.

Градоначалникот Стевчо Јакимовски во изјава на ТВ 24 потврди дека според ДУП, во Влае е предвидена изградба на единаесеткатница и црква, како и градинка и монтажна катна гаража, но тврди дека зградата ќе се гради на приватно земјиште, со план изготвен од претходниот градоначалник, Стефан Богоев.

Всушност, првиот план донесен во еден од претходните мандати на Јакимовски беше укинат од Уставен суд во 2016 година, а сега е на јавна анкета старо-нов план, кој по завршувањето на анкетата треба да се најде на гласање пред Советот на Карпош.

Од Комисијата за урбанизам на Општина Карпош, пак, тврдат дека во планот нема ниту еден објект вцртан на државно земјиште туку или е приватна сопственост или за него тече постапка за денационализација, ниту, пак, има објект вцртан во зеленило.

– Нема зголемување туку намалување на габаритите и висините на одредени објекти, освен на маркичката на улица Сливовска каде што со претходните планови биле предвидено два индивидуални објекти П+2+ПК, а сега е вцртан само еден објект П+3 (наместо два, еден објект). Маркичката помеѓу улиците Адолф Циборовски и Ангел Динев е намалена, со цел да се зголеми количината на зеленилото, а таа постои со два претходни урбанистички планови – информираат од Комисијата.

Оттаму тврдат дека во овој урбанистички план нема ништо спектакуларно ниту што било ново кое е спротивно на интересите на граѓаните или нешто што не постоело со претходните урбанистички планови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот