Жената менаџер за 2016 – та Елена Антоновска: Ги искинав фотографиите од минатотo – бев „чистена на живо“, замалку силувана, злоупотребена, речиси убиена!

Фото: Приватна архива

Во овој момент од животот, јас сум комплетно друга личност, најблиску до она што вистински сум. Дефинитивно се враќам на себеси.

Жртвите на семејно насилство, без разлика на возраста кога доживеале злоставување, траумите ги носат цел живот. Некои успеаваат да триумфираат на животната сцена, други остануваат да живеат прогонувани од духовите од минатото.

Скопјанката Елена Антоновска, во своите 48 години успеала да ги надмине траумите кои се провлекувале од нејзиното детство, преку тинејџерските години, сè до зрелата возраст кога влегла во брачните води, успеала да прости кога било речиси невозможно да се прости и да се издигне до титулата жена менаџер за 2016 – та година во областа на личниот развој. Родена е во 1973 година како прво и посакувано дете во семејството. Но, зборовите и делата на таа посакуваност, во овој случај, биле сосема спротивни.

Фото: Приватна архива

– Татко ми беше воено лице, мајор во тоа време на ЈНА, а мајка ми професорка по биологија и хемија и имам двајца браќа. Учев информатика или компјутерски науки, што на прв поглед нема ништо заедничко со мојата сегашна работа. Имам 3 разводи зад себе и немам деца. Ashwini ми е партизанско/уметничко име. Земено е од санскрит и индиската традиција и претставува близнаци со коњска глава кои им биле лекари на Боговите. Едниот лекар, другиот астролог, со многу квалитети, како што кажува индиската митологија. Со други зборови, човек кој на многу начини исцелува, едуцира и насочува, вака накратко го сумира својот живот Елена од детството до денес.

ЗАСЕКОГАШ ЗАТВОРЕНИТЕ ВРАТИТЕ НА ДЕТСКИТЕ СОНИШТА

 

Кога си дете во семејство во кое насилството се сервира како појадок за добро утро или како десерт после вечерата, немаш многу избор, освен да пораснеш пред време. Не стануваме силни и храбри по избор, туку поради тоа што тоа е единствениот избор кој го имаш, сосема искрено споделува оваа храбра жена и додава:

– Бидејќи за сé ме биваше, јас сакав да учествувам во разни секции, активности, хоби. На 5 години одев на балет, од каде татко ми ме отпиша, бидејќи не можел да ме носи. Менторката го молеше да не го прави тоа, бидејќи е штета ваков талент да пропадне, но сепак, нормално, безуспешно. Се враќавме дома од часот по балет. Се сеќавам дека многу плачев поради сознанието дека балетот е завршена приказна за мене и тоа беше мојот последен час. Засекогаш затворена врата на еден детски сон. Во тоа време, честопати имаше рестрикции  на струјата и одредени делови од градот беа оставени дури и по неколку часа без електрична енергија. Кога влеговме во зградата во која живеевме, беше мртва темница. Татко ми ме остави долу сама пред лифтот и брзо се качи нагоре по скалите до дома. Почувствував како одеднаш да се загубив. Како сѐ што дотогаш знаев, да заборавив само за еден миг. Сѐ се случи толку брзо, што немав време да се соземам. Не ми остануваше ништо друго, освен да се качам сама до горе. Мислев дека срцето ми замрзна. Исто како и од балет, ме отпиша и од Танец, иако не беше далеку од каде што живеевме како балетот. Неговата девиза беше дека школата и учењето се најважни, дека нема потреба да се занимавам со други „неважни“ работи. Во неговиот свет, изгледа, немаше место за задоволства, соништа и страсти. Ги имаше погребано своите, па сметаше дека и другите треба да го направат истото. Малку подоцна, истата приказна се повтори и со Развигорче и Младински хор. Па повторно со играорна и со многу други мои неизразени таленти. И така со години. Јас се борев за себе, во рамките на моите ограничувања и на начин на кој што умеев. Често не ми успеваше да се изборам.

Фото: Приватна архива

И така со години. Сé додека на 13 годишна возраст не кулминирала целата ситуација со тепање, викање, понижување и навреди, каде „хајлајт“ било тоа што Елена не била, „доволно добра, умна, послушна, доволна“ и каква би требало да биде според нејзиниот татко. „Нема ти што да сакаш, ќе правиш тоа што јас ќе ти кажам“- велел тој, на секое нејзино барање. „Нема ти што да мислиш, има кој да мисли за тебе“- покажувајќи кој е авторитетот во куќата, кога се обидувала да се изрази за било што. Нејзиното најчесто повторувано прашање било „Зошто?“ Самата морала да ги разбере причините, позадината и можните решенија. Дури и нејзината мајка велела дека секогаш Елена е таа што збеснува.

БОЛЕШЕ И ТЕЛОТО И ДУШАТА И ПСИХАТА

 

– Самиот чин беше неправда од енормни размери за мене. И да се разбереме, ова не е еден ден, вака беше секој ден! Моето доживување на тој живот, кој сега ми изгледа толку далечен, беше страшно. Сé болеше. И телото, и психата и душата. Јас не можев да разберам како некој може да биде таков со тие што ги сака. Всушност и сега не можам да го сфатам поривот да се биде зол, насилен и агресивен. Да се мрази, потчинува, повредува и да се малтретира. И индивидуално и глобално. Имам впечаток дека плачев постојано. Моето тело има длабоки сеќавања на физичкото насилство. Долго време ми требаше да не се сепнувам кога некој ќе дигне рака. Во мојата психа владееше гласот кој велеше дека јас не смеам да постојам, дека не сум доволно добра, дека сум небитна, дека мора да играм по правила, во спротивно ќе бидам неприфатена и отфрлена.

Фото: Приватна архива

Од денешна гледна точка, сето ова Елена го разбира, а кај неа се останати само љубовта и лекциите. Од друга страна, како што самата вели, не знае од што е направена и не и е јасно како воопшто е жива и успешна. Нејзиниот дух кој постојано ја движел, силниот порив за живот, за љубов, за напредок, огромна храброст која врескала одвнатре и не ѝ дозволувал да полуди или да се разболе. Способноста да се прости и да се заборави, вели дека најмногу ѝ помогнале да гледа само напред и да разбере дека сето е голема траума и животно искуство кое треба да се прифати и од кое треба нешто да се научи. Минатото, и вистински и симболично, за неа не постои.

– Веројатно еден ден мојот живот ќе можете да го прочитате во автобиографија. Затоа, јас и немам фотографии од моето минато. Во една прилика, сите ги искинав. Нормално, тука имаше и многу други фактори кои влијаеја таа ситуација да остане непроменета: општествени норми и правила, менталитет, лажен морал, лажен имиџ и сé нешто. Тоа го разбуди бунтовникот во мене, кога одлучив дека нема да дозволам никогаш, никој да ми одредува која сум, како да живеам и што да правам. Мојот живот стана бунт кон сите норми и правила, особено кон оние кои нè обликуваат во машини и роботи. А се разбира, бидејќи лекциите бавно се учат и навиките тешко се менуваат, тоа траеше, раскажува Елена за почетокот на нејзината трансформација.

Фото: Приватна архива

– Целиот живот за мене е една голема сага, за која јас не зборувам. И генерално, многу доцна во животот научив да зборувам за себе, за моите искуства, за моите чувства, и за процесите кои се одвиваа постојано и во текот на моето учење и трансформација. Зборувањето за нив, има лекувачко својство. Во овој момент од мојот живот, јас сум комплетно друга личност, најблиску до она што вистински сум. Дефинитивно се враќам на себеси. Велам се враќам, зашто патувањето не е завршено. А кога ќе заврши, се надевам дека нема да се вратам повеќе овде, на Земјата, сосема искрено зборува Елена.

НАСИЛСТВОТО ПРОДОЛЖИ ВО БРАКОТ

 

-Продолжение на домашната сага, беше партнерот бр. 2 кој „животот ми го зема“ и метафорично и буквално, ме „потроши“ во секоја смисла: физички, емотивно, ментално и материјално. Она што го барате ве бара вас. Барав излез од „лудилото“ на животот каков тогаш го познавав, продолжение на домашната сага, со партнерот бр. 2 кој „животот ми го зема“ и метафорично и буквално. Тој ми го „потроши“ животот во секоја смисла: физички, емотивно, ментално, материјално. Ме малтретираше на секој начин, под изговор дека ме сака, како и поголемиот број на манипулативните насилници. Познато, нели? Сите картици беа празни, а јас бев на граница на лудило. Живеев во страв и параноја, во плачење 24/7 под постојана закана за мојот живот и животот на моите блиски. Ме прогонуваше, останав без работа, без пријатели, без надеж. Врв беше една ситуација кога во неврзан разговор јас се спротивставив и добив таков удар што морав да се задржам за да не паднам. Следната сцена беше неговата рака на мојот врат, која силно ме стискаше и јас многу брзо останував без воздух. Ме давеше, а јас бев беспомошна. Не можев ништо да направам. Кога веќе сфатив дека тоа ми се последните 2-3 здива, успеав само да замолам за помош, во тишина, надевајќи се дека некој или нешто ќе ме чуе. И… ме слушна! Во следниот миг, чудесно, неговата рака се одлепи од мојот врат. Јас паднав на земјата, трудејќи се да земам воздух, ја споделува несебично личната траума нашата соговорничка и продолжува:

Фото: Приватна архива

– Тогаш, се најдов на место каде наместо помош за него, имаше помош за мене. Се соземав многу брзо, почнав да учам како да си помогнам и запознавањето со енергијата и работата со неа ми дадоа чувство како да сум на свој терен. Мене автоматски ми беше јасно како Универзумот танцува и како се управува со енергијата. Потоа бев фрлена во огнот и започнав да се занимавам со алтернативни методи, духовност, да работам со луѓе, да предавам. Сé се одвиваше многу брзо. Оттука, само се одмотуваше клопчето и јас влегував од една во друга метода, начин, техника, само за да ја комплетирам целата слика за тоа како функционираат нештата и како сé е поврзано. И тоа не се само древни, туку и модерни начини на работа, како коучинг, тренинг, вештини и слично. Покрај тоа, јас секогаш сакав да студирам психологија, медицина или нешто поврзано со луѓето. Ме интересираше истражувањето за човекот. Знаењето за човекот и позадината на нештата ми е во крвта, генетски ми е пренесено. Нормално, не ми беше дозволено. Сега, титулата која ми припаѓа е Професионален сертифициран коуч на Интернационалната коучинг федерација и тренер, вака Елена ја заокружува приказната за крајот на болката, а почетокот на новиот и убав живот.

БЕСПОМОШНАТА ЖЕНА ГИ ПОБЕДИ СВОИТЕ СТРАВОВИ И СТАНА ТРЕНЕР И МЕНАЏЕР НА ГОДИНАТА

 

Иако, во 2017 е годината е прогласена за најуспешна жена менаџер за годината 2016 во областа на личниот и професионален развој, вели дека со години сертификатите ѝ стоеле во папка. Нејзините пријатели ја натерале да ги закачи на ѕид за да се гледаат, што за нема изгледало како небулоза, бидејќи, како што вели, ако се обидуваме да го задоволиме егото и суетата, тоа е бесцелно. Но, живееме во свет каде се бара од нас да се докажеме и каде еден лист хартија значи повеќе од внатрешните квалитети – површината наспроти суштината. Од аспект на социјално и општествено признавање на работата и различноста, оваа титула сепак ѝ е многу драга, иако таа не е клучна во работата на терен.

Фото: Приватна архива

А еве што значи таа „работа на терен“, како изгледа една дијагноза, третман и кој сè може да се обрати во Ars Lucida?

– На секого кој ќе нѝ се обрати му се препорачува првенствено да дојде на разговор. Овој разговор содржи субјективни согледувања на клиентот, а доколку е потребно, се разгледуваат и други конкретни наоди. Од исходот и заклучоците од разговорот зависи понатамошниот тек на работа, што му е потребно и што му се препорачува. Тука многу ми помага способноста за дијагностика која ја поседувам, која е непогрешлива, а најмногу обрнувам внимание на она што се крие во несвесното на човекот, бидејќи тука лежи клучот на таа личност. Се трудиме пристапот секогаш да е холистички, т.е. состојбата да биде третирана на различни начини кои го опфаќаат човекот како целина, а ние повеќето можеме да ги понудиме кај нас или кај соработници со кои имаме договор. Тука влегуваат енергетски методи, нехипнотичка регресија, масажа, холотропско дишење, медитации, јога, вежби, квантна дијагностика и терапија, психолошки консултации, нутриционизам, обуки, водство. Може да нѝ се обрати секој кој сака развој, ослободување од стрес или има потреба од решавање на некаква конкретна состојба, на физички или психолошки план.

Постои излез од сите животни неприлики, а Елена преку својата професионална определба е детерминирана да продолжи да им помага и да ги води личностите во надминување на предизвиците и враќањето на нормалниот животен колосек.

Фото: Приватна архива

– Сé околу нас, целиот живот зборува за нас и дава правец во кој треба да се движиме. Секоја состојба, ситуација, проблем поттикнува на истражување на кое ние сме се согласиле со нашето доаѓање овде, на Земјата. Истражувањето создава искуства од кои ние учиме, бара храброст, а секој од нас мора да се осмели, со цел да промени нешто. Ако сме способни за себе да креираме страдање, сигурно сме способни да креираме и среќа. Како што рекол Карл Јунг: „Сé додека не го освестиме несвесното, тоа ќе го насочува нашиот живот, а ние ќе го нарекуваме судбина.“ Јас го сакам животот и никогаш не се откажувам, бидејќи цврсто верувам во онаа старата: „Што си е мое, ќе си дојде.“ Ако не дојде, ќе дојдеме ние. Ви посакувам богат, исполнет и среќен живот, во кој ќе се запознаете себеси на многу начини. Живот за кој ќе бидете сигурни дека навистина сте го живееле.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот