Земјите-членки на ЕУ договорија продолжување на мерките за намалување на потрошувачката за гас

Гасовод/ Фото Архива на Слободен печат

Министрите за енергија на земјите членки на ЕУ на денешното заседание на Советот на за транспорт, телекомуникации и енергија во Брисел постигнаа политички договор за прифаќање на препораката на Европската комисија за продолжување на координираните мерки за намалување на потрошувачката за гас.

Советот заклучи дека иако безбедноста во снабдувањето на ЕУ со гас е подобрена, се уште е потребно континуирано намалување на потрошувачката за да се обезбеди доволно складирање на енергенсот за следната зима.

Според министрите, подобрувањето на состојбата, меѓу другото, е резултат на мерките за намалување на потрошувачката на гас што ги презедоа земјите членки врз основа на препораките на ЕК, како и на иницијативите преземени како одговор на енергетската криза предизвикана од руската агресија врз Украина.

Важноста на актуелните мерки за намалување на потрошувачката на гас истекува на крајот на месецов, а со препораката на ЕК се предвидува нивно продолжување до 31 март 2025 година.

Според белгиската министерка за енергија Тине Ван дер Стратен, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, постигнатиот договор ја покажува посветеност на земјите членки да останеме подготвени против какви било прекини во снабдувањето и да гарантираме безбедна зима за европските граѓани и индустрија.

– Изодевме долг пат од 2022 година преку усвојување координирани мерки во ЕУ и брз одговор на енергетската криза предизвикана од руската агресивна војна против Украина, додаде Ван дер Стратен.

Со мерките се предвидува намалување на потрошувачката на гас за најмалку 15 отсто во споредба со просечна потрошувачка во периодот од 1 април 2017 година до 31 март 2022 година.

– Оваа препорака ќе им помогне на земјите членки да преземат соодветни мерки за безбедност на снабдувањето и имплементирање на директивите за енергетска ефикасност и обновливи извори во 2025 година, што ќе донесе структурно намалување на побарувачката во блиска иднина, а истовремено ќе ги постигне целите на ЕУ за декарбонизација. Препораката ги признава специфичните околности, како што се десинхронизацијата, изолираните системи и ограничениот капацитет за интерконекција, информира Советот на ЕУ.

Денешниот политички договор треба да биде и формално усвоен од страна на Советот на ЕУ, што се очекува да се случи во текот на овој месец.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот