Здравствени установи сеат болести по контејнери

Несовесни здравствени установи го фрлаат медицинскиот отпад во контејнерите за комунален смет и го загрозуваат здравјето на граѓаните. Оваа информација со години се повторува затоа што во Македонија нема интегриран систем за постапување и третман на медицинскиот опасен и неопасен отпад, а најсвеж пример е лабораторијата „Синлаб“ од Скопје, која беше фатена како го пакува во сини ќеси и го фрла во контејнер, наместо да го предаде на Дрисла и да плати по 56 денари за килограм за негово согорување!

– По извршените инспекциски контроли, Државниот санитарен и здравствен инспекторат со решение ја задолжи ПЗУ „Синлаб“ да врши прописно собирање, селектирање и пакување на медицинскиот отпад – соопштија завчера од Инспекторатот и најавија глоба за лабораторијата.

За овој случај предупреди скопското претпријатие „Комунална хигиена“, кое на 22 јуни соопшти дека во рок од 24 часа нивните екипи регистрирале два случаја на незаконско одлагање медицински отпад во контејнерите што се поставени на булеварот „Македонија“.

– Екопатролата ги отстрани садовите и им изврши темелно чистење и дезинфекција. „Комунална хигиена“ апелира до правните субјекти што создаваат медицински отпад да не го фрлаат во садовите на јавни површини, затоа што на тој начин го загрозуваат здравјето на вработените во претпријатието и ја контаминираат непосредната околина – соопштија од скопското комунално претпријатие.

Лани собрани 735 тони медицински отпад

Според Извештајот за состојбата со животната средина за 2018 година, лани здравствените институции собрале и предале за натамошен третман вкупно 735 тони медицински отпад. Според извештајот за работата на депонијата „Дрисла“, пак, лани во нивниот инценератор се согорени 989 тони медицински отпад. Разликата, како што досега објаснувале од депонијата ја прават фирмите и институциите што сами вршат достава на медицински и друг опасен отпад во депонијата.

– Согласно со важечката законска регулатива, здравствените институции се обврзани да доставуваат еднаш годишно извештај за постапување со медицинскиот отпад до Министерството за животна средина. Количината на пријавениот создаден медицински отпад за 2018 година изнесува 735 тони, при што 722 тони се медицински отпад предаден на други лица, а останатата количина од 13 тони автоматски се третира како течен отпад. Предадениот медицински отпад е соодветно третиран и неутрализиран. Треба да се нагласи дека прикажаните количини не претставуваат и вкупни количини на создаден медицински отпад – се вели во извештајот.

Од година в година расте количината на собран и третиран медицински отпад. Во 2015 година биле собрани 611 тони, следната година 712 тони, во 2017 година 716 тони, а во 2018 – 735 тони, од што може да се заклучи дека се зголемил бројот на институции што го предаваат опасниот медицински отпад, но и дека во претходните години сите непријавени тони завршиле или во контејнери или на диви депонии.
Од собраните 735 тони лани дури 625 тони припаѓаат на класата опасен отпад чие собирање и отстранување е предмет на специјални барања поради заштита од инфекции, 72 тони се остри предмети, 19 тони се делови од човечко тело и органи, вклучувајќи вреќички и шишиња со крв, 13 тони се хемикалии, а 2 тони се отпад чие отстранување не е предмет на специјални барања за заштита, како облека, завои од гипс, платно, пелени и тн.

Различни податоци за истата работа

Според извештајот, сиот собран медицински отпад во Македонија се транспортира и согорува во печката во Дрисла. Но, според Планот за управување со отпад на Град Скопје (2016-2020) не е така.

– Опасниот отпад од здравствените институции се собира сепариран на самиот извор само во болниците во Скопје и во Куманово, а потоа се спалува во инценераторот во Дрисла. Медицинскиот опасен и неопасен отпад од другите здравствени институции се одлага на комуналните депонии без потребниот предтретман – се вели во документот.

Постројката во Дрисла е единствен објект за спалување отпад во земјата. Работи со капацитет од 200 килограми на час на температура од 750 степени Целзиусови и согорува заразен, токсичен и цврст отпаден материјал.

– Секој ден се согоруваат помеѓу 1 и 1,5 тон отпад, односно печката работи 12 часа дневно. Од медицинските установи во Скопје отпадот го собира „Дрисла“ со посебно обележани возила во жолта боја со знак „биолошка опасност“. Возилата барем двапати неделно од секоја болница земаат црни и жолти пластични ќеси, кутии со игли и други сечива и садови за крв. Отпадот во жолти ќеси се гори веднаш по пристигнувањето во Дрисла – се вели во Планот за управување со отпад на Град Скопје.

Човечки ткива и мрши од животни скапуваат на депониите

Небројани тони медицински отпад досега се исфрлени во депониите низ земјата, додека полека се формира системот за негово правилно третирање.

Медицинскиот отпад потекнува од стационари, болници, поликлиники, амбуланти, забни ординации, ветеринарни друштва и е поделен во неколку категории. Патолошкиот отпад содржи отфрлени делови од човечко тело, ампутанти, ткива, органи, плаценти, фетуси, животни и нивни делови. Инфективниот отпад содржи патогени биолошки агенси и прибор што дошол во допир со крв од инфективни болни. Отпадот од остри предмети подразбира  игли, ланцети, скалпели и сл. предмети што можат да направат убоди и исеченици. Фармацевтскиот отпад се состои од фармацевтски производи и цитостатици, а хемискиот содржи отфрлени цврсти, течни или гасовити хемикалии кои се употребуваат при медицински, дијагностички или експериментални постапки, чистење и дезинфекција.

Во Извештајот за животната средина за 2018 година се дадени препораки да се подобри управувањето со опасниот медицински отпад и сепарацијата на различните фракции, како и да се формира адекватен систем за собирање, транспорт и отстранување на овој отпад од сите здравствени установи во Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот