Записи низ времето со оригинални фотографии и филмови на браќата Манаки

Милтон Манаки со култната „Камера 300“

Кинотеката се приклучува кон одбележувањето на 60-годишнината од смртта на Милтон Манаки и по тој повод на 5 март ќе се одржат проекции на документарниот филм „Манаки – Приказна во слики“ и на 42 наслови на браќата Манаки снимени со нивната „Камера 300“.

Документарниот филм „Манаки – Приказна во слики“ (2018, 70 мин., црно-бел/колор) на авторот Роберт Јанкулоски ја раскажува приказната за фотографската дејност на Јанаки и Милтон Манаки. Најпрвин, со почеток во 18 часот, м-р Роберт Јанкулоски, редовен професор на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ и основач на „Македонски центар за фотографија“, ќе одржи презентацијата под наслов „Фотографиите на Манаки, записи низ времето“. Потоа ќе следува проекцијата на документарниот филм „Манаки – Приказна во слики“ во режија на самиот Јанкулоски, а по сценарио на Илинденка Петрушева и Јанкулоски.

Преку оригинални документарни фотографии филмот го следи професионалното патешествие на браќата Манаки од отворањето на првото фотографско ателје во 1898 година во Јанина, сѐ до нивната преселба во Битола, каде покрај фотографско ателје, градат и киносала и почнуваат професионално да се занимаваат со киноприкажување на филмови.

Потоа, со почеток во 20 часот, ќе се одржи проекција на 42-та наслови на браќата Манаки снимени со нивната Камера со сериски број 300, а кои помладиот брат Милтон во 1963 година, пред својата смрт, ги предал на чување во Државниот Архив на Македонија.

Во 1996 година Кинотеката направи 35мм заштитна архивска копија од овие оригинални нитратни филмски ленти (кои денес се чуваат во бункер, заради лесната запаливост), а во 2012/2013 година истите беа дигитализирани и дигитално реставрирани во Унгарската филмска лабораторија во Будимпешта. Веднаш потоа дигитализираните материјали беа објавени на ДВД и промовирани пред јавноста.

Позначајни моменти забележани со камерата на Манакиевци се снимката на 114-годишната баба Деспина како преде во родното село Авдела, која е воедно и прв филмски кадар снимен на ова тло, потоа историската посета на турскиот султан Мехмед Решад V на Битола и Солун, посетатата на принцот Александар Караѓорѓевиќ на Битола, погребот на митрополитот Емилијанос од Гревена, празнувањето на Водици во Бер и во Битола, празнувањето на Духовден на гробишта, снимки од свадби и други верски обичаи, посетата на големата романска делегација на Битола и околината, празнични поворки за време на Хуриетот, односно Младотурската револуција, итн.

Пред проекцијата, професорот и советник филмолог д-р Атанас Чупоски ќе има излагање за делото на Милтон Манаки, а присутните ќе добијат примерок од ДВД-изданието со дигитално реставрираните филмови на браќата Манаки.

Милтон Манаки е роден 1880 година, во влашкото село Авдела, во близина на Гревена, денешна Грција. Тој бил две години помлад од Јанаки, но за разлика од него не покажал голем интерес за школо, туку повеќе бил авантурист и боем. Фотографскиот занает го усовршува под менторство на Јанаки, во нивното прво фотографско ателје во Јанина, а во 1905 браќата го отвораат познатото фото-ателје на битолскиот Широк сокак.

Во тој период, според подоцнежните раскажувања на Милтон, Јанаки ја набавил филмската камера со сериски број 300 од моделот „Bioscope“, произведена од компанијата „Charles Urban Trading Co“. Тогаш започнува и снимателската активност на браќата Манаки и тие на филмска лента ќе забележат многу настани, верски и етнографски обичаи, воени и цивилни паради, армии, политички фигури итн., денес бесценети сведоштва за историјата и на Битола и битолскиот крај, но и за целата држава.

Милтон го надживеал Јанаки за цела деценија и починал во 1964 година во Битола. Целокупното творештво браќата Манаки – и фотографското и снимателското – една година пред своето заминување Милтон ќе ги депонира во Државниот архив во Скопје и Околискиот историски архив во Битола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот