Замрзнатиот конфликт на Истокот од Украина полека се „топи“

epa08294018 Ukrainian veterans of the Eastern-Ukrainian conflict, volunteers and ordinary people take part in the so-called 'March of patriots' in downtown Kiev, Ukraine, 14 March 2020 as they mark the Volunteers Day. Protestors also came out against creation of the Political Advisory Board as part of the Trilateral Contact Group (TCG) which was approved during the meeting in Minsk on March 11 and provides for subjectivity of certain areas of Donetsk and Luhansk regions, and Russia acquires the status of a guarantor along with Germany, France and the OSCE. EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

Во 2014 година, антивладините протести што се одржуваа на плоштадот Мајдан во Киев, набргу прераснаа во крвава граѓанска војна, која однесе повеќе од 13.000 животи, а на истокот на Украина беа формирани самопрогласени републики, предводени од проруските бунтовници.

Седум години конфликтот е замрзнат, иако примирјето помеѓу бунтовниците и украинската војска постојано се крши со гранатирања, снајперски оган и истрели од автоматско оружје. Но, извештаите што доаѓаат од теренот, упатуваат кон тоа дека руската армија во последните месеци располага со голема воена моќ на границата со Украина, а особено е активна во околината на градот Ростов.

Високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел изрази загриженост за придвижувањето на руските трупи во близина на Украина, на која и вети поддршка.

– Со голема загриженост ја следиме руската воена активност околу Украина. Непоколеблива поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина – напиша шефот на европската дипломатија на Твитер по телефонскиот разговор со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Борел објави дека овој месец ќе има средба со министрите за надворешни работи на ЕУ, а на средбата ќе присуствува и украинскиот министер.

Минатата недела Украина ја обвини Русија за трупање војска на северната и источната граници, како и на полуостровот Крим, анектиран од Москва. Кремљ не го негираше движењето на војниците, но увери дека со тоа „никому не се заканува“.

Кремљ: Русија не е закана за ниту една земја во светот

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одговарајќи на прашање за распоредување воени единици во Ростовската Област, изјави дека Русија не претставува закана ниту кон една држава во светот, па ниту кон Украина.

Тој додаде дека Русија многу внимателно се однесува кон сопствената безбедност.

– Руската армија се распоредува на руска територија, каде и како што оценуваме дека ќе гарантира безбедност. Тоа не треба да предизвикува загриженост – посочи Песков.

Во меѓувреме заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави дека контактите помеѓу Русија и САД се „на највисоко ниво“ поради ситуацијата во Украина. Тој наведе дека Москва го уверила Вашингтон дека нема причина за загриженост.

И Рјабков потенцираше дека движењето на руската армија во близина на украинската граница не претставува никаква закана кон Украина или било која друга земја.

– Поголем број аналитичари сметаат дека зголемената активност на руската војска е јасна порака од Москва кон членките на НАТО, дека земјата е подготвена да се бори за своите граници и своите интереси, со сите средства кои ѝ стојат на располагање – се вели во дел од анализата објавена во британскиот весник „Гардијан“.

Руска воена моќ и на Арктикот

Покрај тоа што Русија натрупува војска и оружје на границата со Украина, од НАТО, а пред се од Соединетите Американски Држави се загрижени за засиленото воено присуство на земјата на Арктикот.

– Русија воспоставува голема воена моќ на Северниот Пол и го тестира своето најново оружје во регион каде мразот се стопи како резултат на климатските промени. Москва се обидува да го обезбеди својот северен брег и да отвори клучен поморски коридор од Азија кон Европа. Оваа информација беше објавена на телевизијата Си-ен-ен, а наводите беа поддржани со сателитски снимки.

Експертите за оружје и западните официјални лица изразија загриженост конкретно за руското „супероружје“ – торпедото „посејдон 2М39“. Земјата забрзано го развива торпедото, а рускиот претседател Владимир Путин побара да биде информиран за „клучната фаза“ на тестирањата во февруари од министерот за одбрана Сергеј Шојгу.

Ова стелт-торпедо има нуклеарен погон и целта на руските научници е да ја надминат крајбрежна одбрана на САД на морското дно. Торпедото може да биде опремено со нуклеарна бојна глава, што може да предизвика радиоактивни бранови кои ќе го претворат нападнатиот брег во ненаселена област со децении.

САД предупредија дека „посејдон“ е дизајниран да ги „преплави крајбрежните градови на САД со радиоактивни цунами“. Експертите се согласуваат дека оружјето е „многу реално“, а Норвешка го смета за нов вид нуклеарно оружје.

Сателитски снимки од технолошката компанија „Максар“ покажуваат дека Русија продолжува да гради воени бази и да распоредува воена опрема во должина на нејзиниот брег на Северниот Пол. Гради и подземни складишта за ново оружје како торпедата „посејдон“. Русија распореди бомбардери и ловци „миг-31БМ“, како и нови радарски системи во близина на брегот на Алјаска.

Зголемувањето на руските сили се совпаѓа со мобилизацијата на НАТО и американските сили. САД распоредија бомбардери „б-1“ во Норвешка. Американците наводно имаат и нуклеарна подморница во регионот од август 2020 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот