Заловените кучиња во Илинден се третираат во прифатилиште во Куманово, па се вдомуваат или се враќаат на улица

Фото: Општина Илинден

Во Илинден немаат точна проценка колку бездомни кучиња има на територијата на општината, но тврдат дека се една од ретките рурални општини што работи на решавање на проблемот со бездомни кучиња.

Проблемот со уличните кучиња во Скопје, но и во другите градови и општини низ Македонија е голем и досега не е решен, иако се прават обиди да се намали нивниот број по улиците со заловување, кастрација и стерилизација, со вдомување или нивно повторно враќање на улица, но без можност за понатамошно размножување. Голем удел во тоа што со хуман третман не е решен проблемот се и неодговорните сопственици кои, откако ќе им здодеат или од други причини не можат повеќе да се грижат за милениците, ги пуштаат на улица, најчесто нестерилизирани. Покрај тоа, во нашата држава нема прифатилишта за трајно, туку за времено сместување на бездомните животни, кои откако ќе го поминат задолжителниот хуман третман, се нудат за вдомување. Доколку никој не ги вдоми ги враќаат на локацијата кадешто се заловени.

Граѓани од повеќе општини пак се жалат дека се врши т.н. организирана преселба на кучиња скитници од една локација на друга. Како што тврдат, онаму каде институциите не можат да се справат со напливот на улични кучиња, ги заловуваат, ги товарат во камион и ги истовараат во некој друг град или село. Официјална потврда за ваквите сомнежи на граѓаните засега нема.

Со проблемите со улични кучиња се соочуваат и жителите на општина Илинден, кои помош бараат од локалната власт. Оттаму неодамна информираа дека по пријави на граѓаните во изминатиот период во пет наврати се заловени 30 кучиња и дека приоритет за заловување и третман на бездомни и нерегистрирани кучиња се дава на дворните површини на училиштата, детските градинки, јавните објекти и други фреквентни места во централниот дел на општината.

На прашањето од „Слободен печат“ како се постапува со заловените кучиња, каде се носат, има ли општината стационар за таа намена, со оглед дека ЈП „Лајка“ има надлежност само во границите на десетте скопски општини, од Општина Илинден велат дека имаат склучено Договор за заловување и стручен третман на бездомни и нерегристрирани кучиња со ветеринарна клиника „Ино-Вет“ од Куманово. Тие ја извршуваат услугата по доставување писмен налог од овластено лице од градоначалникот на Општина Илинден, по предходно поднесени писмени барања од граѓаните и по утврдена состојба на терен.

По издавање на писмениот налог вршителот на услуга врши заловување и транспорт на бездомните кучиња од територијата на општина Илинден, заловените бездомни кучиња привремено ги сместува во прифатилиште каде кучињата се кастрираат, обележуваат, здравствено се третираат, на нив се врши превентивна здравствена заштита и тест за социјализација, согласно со прописите од областа на ветеринарното здравство, пришто истите се вдомуваат или враќаат во регионот од каде што биле заловени – објаснуваат од Илинден.

Оттаму велат дека немаат точна проценка колку бездомни кучиња има на територијата на општината, но тврдат дека се една од ретките рурални општини што работи на решавање на проблемот со бездомни кучиња, особено ако се земе предвид фактот дека во Илинден голем број домаќинства чуваат кучиња како домашни миленици во своите дворови.

Заловувањето на кучињата се врши според програмата за третирање и постапување со животните скитници за 2023 година, донесена од Советот на Општина Илинден.

При заловувањето на кучињата често се утврдува дека тие имаат микрочипови, односно имаат сопственици, поради што за заловување и третман наплатата за услугата се префрла на товар на сопствениците – велат од Општината од каде апелираат до сите сопственици на кучиња, без разлика дали се регистрирани или не, да се грижат за своите миленици и да не ги пуштаат без придружба на сопственикот да се движат на јавни места.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот