Законот за јазици влезе во политичка злоупотреба

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Политичка бура со потенцијал да прерасне во политичка криза предизвикаа забелешките од Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците. Владејачките СДСМ и ДУИ западнаа во меѓусебни обвинувања дали требало да се испраќа целиот закон на оценување или само некои негови делови, а опозицијата инсистира Законот да претпри измени во Собранието за да се усогласи со препораките од Комисијата. ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека правната држава е во опасност затоа што законот ќе ги одолговлекува судските постапки и ќе го загрози принципот на судење во разумен рок, а ДУИ повторува дека законот за двојазичност произлегува од Охридскиот рамковен договор и нема шанси да се менува.

Неприменливи решенија

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев вчера од собраниската говорница предупреди дека решенијата во Законот се неприменливи. Тој ја повика власта да не ја користи скратената постапка за измени на Законот и да ги прифати предложените измени од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи во нив ќе бидат внесени и препораките на Венецијанската комисија, а почитувањето на препораките е услов од францускиот нон-пејпер за добивање датум за преговори со ЕУ.

– Власта да не си поигрува со европската иднина на Македонија и да се издигне над коалициските интереси – порача Данев.

Претседателот на Собранието Талат Џафери одговори дека за да се усвојат измени и дополнување на Законот за јазици, потребно е двотретинско мнозинство, а кај пратениците Албанци нема расположение за промени. Според Џафери, ако ВМРО-ДПМНЕ сака измени на Законот, мора да обезбеди и Бадентерово мнозинство.

– Укажувањата на Венецијанската комисија се необврзувачки и не значи дека по автоматизам законодавниот дом треба да преземе соодветни мерки по нив. За укажувањето дека дел од институциите не се во можност да ги спроведат сите аспекти, тоа е работа на тие институции и тие во соодветно време треба да обезбедат предуслови за да ги спроведат законските одредби. Впрочем секоја институција е должна да обезбеди инфраструктура за да ги спроведе законите онака како што ги донел законодавниот дом – изјави Џафери.

Се бараат начини да се оправи Законот

Министерката за правда Рената Дескоска вчера рече дека се бараат начини како да се спроведат препораките од Венецијанската комисија во делот на судските постапки. Според неа, препораките се однесуваат на употребата на Законот од страна на носителите на јавни функции, а не на граѓаните што имаат право да го употребуваат албанскиот јазик.

– Верувам дека ќе се почитуваат препораките на Комисијата и дека сите ќе бидат свесни за потребата од ефикасна правда во државата – рече Дескоска.

Според премиерот Зоран Заев, Законот за јазиците е една од алките што спојува, а за препораките од Комисијата ќе градат заеднички ставови со ДУИ. Прашан дали има поделба во Владата или едногласен став на оваа тема, премиерот најави дека до крајот на неделата ќе се организираат состаноци за да се усогласи заедничко решение.

– Последните сугестии кон Венецијанската комисија ги дадовме заедно, претставници од мојот кабинет и од министерствата за правда, за европски прашања и за надворешни работи и така ќе продолжиме. Овој закон е една од алките што нè спојува во државата и така ќе продолжиме, градејќи заеднички ставови со цел сите препораки од Комисија да имаат соодветна примена – рече Заев.

Тој додаде дека не е запознаен со амандманите на ВМРО-ДПМНЕ, но истакна дека секојпат е добредојдена дебата, со цел да се подобри концептот „Едно општество за сите“.

Од Алијансата за Албанците сметаат дека Законот за јазиците се политизира во една многу чувствителна фаза за земјата. Според партијата, мислењето на Венецијанската комисија е субјективно и нетранспарентно, засновано врз сомневањата изразени од интервјуираните функционери чиј список го нема никаде, а чии ставови оставаат простор за сомневање дека се политички мотивирани.

– Без емпириски податоци, мислењето на Комисијата е ирелевантно, а не треба да заборавиме дека мислењето не е обврзувачко, туку само советодавно. Проценувањето на Законот од гледна точка за заштитата на правата на националните малцинства е погрешно и неприфатливо со посебен акцент на фактот дека Албанците во Македонија не се малцинства. Нема да дозволиме никаков изговор што би довел до одолговлекување на Законот, затоа што за овој закон се дискутира повеќе од една деценија – велат од Алијансата.

Од партијата нагласија и дека премиерот го прекршил политичкиот договор со тоа што побарал мислење од Комисијата за законот како целина, наместо само за членот 8. За истото завчера обвини и пратеникот Артан Груби, кој во ТВ-дебата рече дека ДУИ не знаела оти целиот текст ќе биде испратен, туку само деловите што се однесуваат на парите, хартии од вредност и униформите. Му одговори пратеничката од СДСМ, Соња Мираковска, која рече дека договорот бил да се добие експертско мислење за целиот закон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот