Заев вели „чукнавме на маса“: Институциите научија од бегството на Груевски и покажаа капацитет со Мијалков

Фото: mia.mk

Успешно завршен случај на државата, без закани, туку со преземени координирани акции и постапки на институциите, Сашо Мијалков се пријави сам во Обвинителството, е оценката што ја даде премиерот Заев за преземените активности за пронаѓање на поранешниот директор на УБК кој е обвинет во предметот „Таргет-Тврдина” и кој во попладневните часови се јави во ЈО за гонење на организиран криминал и корупција.

Потврди дека станува збор за бегство на Мијалков, затоа што, како што рече, бегство е кога нема да го најдете некого на домашната адреса, на телефон, а членовите на семејството не знаат каде е.

– Денеска чукнавме на маса. Институциите покажаа капацитетност. Самите институции не го најдоа Сашо Мијалков, но заради тоа што нападнаа блиски, по имот, по сè што има, тој се пријави во Oбвинителството. Тој е принуден да се пријави и да не продолжува да се крие и да бега, затоа што инсититуциите постапија согласно закон. Ние сме слободна држава каде правата и слободите се загарантирани на секој, се додека не е осуден со правосилна судска пресуда, истакна премиерот.

Според него, „институциите покажаа дека учиме од бегството на Груевски и дека, како што рече, можеме да постапиме кога сакаме сите до крај заради тоа што се создава можност системот да блокира криење, бегање или какви било други активности“. Посочи на тоа дека станува збор за различен случај од оној на Груевски, кој, како што рече, имаше помош и од друга дражава која му даде азил.

– Дефинитивно истиот момент на бегството значеше напуштање на државата, што овде не е случај. Учиме од претходното. Беа блокирани сите граници. Во неделата на излез и влез од Скопје имаше комплетни контроли за се. Зелените појаси покрај Куманово и Косово беа блокирани. Тоа е школото на созревање на самиот систем. Дефинитивно покажуваме дека имаме подготвени институции, дека тие можат да постапат, кога сите ќе се втурнеме во делокурогот на своите надлежности, тоа што законот го дозволува, без да нарушуваме никакви слободи и права. Затоа што ако тргнете да притворате, запленувате, слушате телефони, без судска нареда, тогаш правиме многу поголемо зло отколку самото сочувување на потенцијален бегалец или некој што се крие, рече премиерот.

Наведе дека Сашо Мијалков е еден од луѓето кои се гонат по неколку предмети и дека во државата која, како што потенцира, беше режим со огромни украдени пари, успеавме за три години како систем да ги финишираме процесите да дојдат до казни и до изрекување пресуди. Се случуваат пресуди по постапки на СЈО. Проблемот е заради тоа што ни избега Груевски и секако нема да се откажеме се додека можеме да се врати и да одговара. Системот е веќе поспремен и тој реагира, рече Заев.

Тој додаде дека дефинитивно владеење на правото е императиви, а сите тези што се пласираат за некакво договарање се отстранети.

– Владата ја заврши својата работа, бараа оставки, денеска направивме комплетно докажување на сите неаргуметнирани опозициски тврдења и ова го кажувам заради опозицијата за да може да биде јасно утврдена вистината, рече Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот