Заев нуди надеж, Мицкоски нуди страв

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Северна Македонија има две парадигми. Зоран Заев и Христијан Мицкоски, едниот нуди надеж, другиот нуди страв. Заев пред избори има силна коалиција, со уште еден број други помали партии. Идејата на Заев е добра, зашто покажува дека може да ги обедини коалициските партнери. Оти ако немате обединувачки фактор во своите коалиции, како ќе нè обедините нас, граѓаните?

Немам сомнеж дека малата номенклатура од „македонската“ десница е склона кон диктатура, а следствено на тоа и кон диктатори. Таа љубов и нивниот природен афинитет за „диктаторчење“ неизбежно ќе направи повторно штета ако само за момент почувствуваат власт, а со тоа повторно ќе направат директна штета на граѓаните.

Мицкоски и неговата екипа, ќе кажам сосема отворено на самиот почеток, плус нивната некомпетентна администрација која сè уште жабурка низ „институциите на системот“, спремни се да предизвикаат одново нови штети и опструкции, или во превод: ништо добро не може да очекуваме од денешната опозиција, оваа и ваква, која во нормална и демократска држава мора да демонстрира смислена критика, да дава предлози, сугестии и иницијативи, затоа што, по ѓаволите со мене, и таа, како и сите политички партии во оваа земја, од нас граѓаните добива пари за своето деjствување.

Полетни за правење штета

Ова што денес се претставува за опозиција, не само во политичка смисла, туку и во културна, интелектуална и медиумска, е, просто речено – бедно. Нивниот општествен конфликт се јавува во различни форми и на различни теми, но не сум сигурен докрај дека таквиот конфликт може да се крши за прашањата од национален интерес, а тоа се интегративните политики за НАТО и ЕУ. Сепак, тоа е само еден мал симптом, најпроблематичната позиција на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините сателити е во тоа што ги изгубија сите важни теми во општеството; не можат повеќе да предизвикуваат перманентно активна штета за „името“ и нема да можат да кокетираат со Путиновите инсталации во земјата, затоа што Северна Македонија формално-правно е веќе членка на НАТО.

Од ова погоре, имам впечаток дека се создава обид на една историска рефлексија: ВМРО-ДПМНЕ денес се обидува да го задржи „полетот“ што го добиваше во времето на груевизмот. Таквиот полет – за власт, и правење перманентна штета на институциите – никогаш не го изгуби. Но, сега, се појавуваат предизборни, внатрешни проблеми, генерирани токму од нив: неприфаќање на Договорот од Преспа, нашиот главен ’рбетен столб на новата и современа државност на Северна Македонија, поддржана од „инклузивните Македонци“ на Заев, за ВМРО-ДПМНЕ претставува дополнителен проблем, бидејќи може да се надеваат исклучиво само на етничките Македонци; во својот фрагментирачки кампус, оваа партија се наоѓа во етничка дупка.

Негирањето на Договорот од Преспа за груевистите ќе претставува обид за реинтерпретирање на минатото. Најфасцинантно за мене е тоа што се покажува дека минатото постојано живее на тој начин што ние сегашноста одново ја (ре)создаваме. Оттука, низ денешните политички постапки на груевистите, се покажува дека ВМРО-ДПМНЕ во борбата за власт, на овие избори ќе ја бара својата шанса за повторно (ре)создавање на груевизмот.

Именката „груевизам“ е нивна шанса за регрутирање на минатото кое гласи: не за НАТО; не за ЕУ; не за Договорот од Преспа; a со тоа и не за мир, не за човековите права, не за медиумските слободи.
Имено, ако нивната политика почива на едно големо „НЕ“ за сето ова кое го набројав, невозможно е ВМРО-ДПМНЕ да го промени општеството ниту во социјална, ниту во политичка смисла. Ловат во матно, на идентичен начин како што ловеше и Груевски. Ништо не гледаат, не нудат перспектива, никој од нив не прави долгорочен план, туку гледа што може да земе „овде“ и „сега“. Типично: вмровци шират пропаганда, лажни вести, гадни спинувања, се занимаваат со неважни работи, создаваат псевдонастани, а така се прикриваат сериозните теми.

Ајде, ќе ве молам, кажете ми која е нивна тема, кажете ми која е таа проблематика која од корен ја познаваат? Такво нешто во ВМРО-ДПМНЕ не постои. Дури и ако случајно паднете од Марс, дури и во таков случај ќе видите дека таму денес ништо нема. Тие немаат свест што е тоа опозициска политичка партија, не знаат што се прави во опозиција, а камоли да знаат што значи тоа билатерален спор. Знаете, типично за сите млади и инфантилни е: „Не знамо све, ал знамо да хоќемо све“.

Левицата на Заев е наднационална и помирувачка

Oд друга страна, кога Заев вели „нашата партија е мултиетничка“, тоа значи дека денешната левица создава нов, наднационален и надверски идентитет. Тоа значи дека Зоран Заев денес ги избриша сите гнили национални и ревизионистички компромиси што се правени во наше име сите овие триесетина години. Тоа значи дека денешната левица на Зоран Заев е наднационална и помирувачка. Знае Заев дека десницата на Мицкоски сака олигархијата да има повеќе, а граѓаните помалку. Знае Заев дека десницата на Мицкоски сака на граѓаните да им биде полошо, да бидат сиромашни, затоа што така полесно се контролираат.

Денес СДСМ е партија која не е националистичка, и која имплицитно се залага за НАТО и ЕУ, додека десницата на Мицкоски, политичкиот наследник на злосторникот Никола Груевски се колне (прикриено) во „Титовиот концепт“ на „неврзаните“, и само што не изгореле и во прикриеното русофилство кое се обидуваат да го продадат како принципиелна „антиимперијална“ борба.

Аргументацијата – подобро Путин, Орбан или Ердоган – не само што е опасна, туку е и идиотска. Ако сте Бошњак, ви се допаѓа да речеме Путин, ама на нерви ви оди Орбан или Ердоган, или вие сте Србин, а имате симпатии кон Орбан, ама на живци ви оди Путин и Ердоган, или сте Македонец, па имате симпатии кон Ердоган, имате и симпатии кон Путин, ама ве нервира Орбан, вие тогаш имате сериозен проблем: затоа што тоа е едно те исто.

На самиот крај, Северна Македонија има две парадигми. Зоран Заев и Христијан Мицкоски, едниот нуди надеж, другиот нуди страв. Зоран Заев пред избори има силна коалиција, со уште еден број други помали партии. Идејата на Заев е добра, затоа што ни покажува дека уште сега може да ги обедини своите коалициски партнери. Оти ако вие во политика немате обединувачки фактор во своите коалиции, како ќе нè обедините нас граѓаните на оваа земја?

Христијан Мицкоски, до сега, барем јас не сум слушнал дека има коалиција со неколку партии. Како ќе го обединиш широкото граѓанство ако немаш широка коалиција? Што значи дека повторно ќе тргува со стравот и со реинтерпретирање на минатото.

Да завршам, ако Мицкоски нуди страв, Заев нуди надеж. Во оваа игра на одбирање на „помалото зло“, десницата на Мицкоски нема шанса. Затоа што не се работи дали некогаш било поубаво отколку сега: сите знаат дека денес е подобро. Но, исто така треба да се знае и праша, „дали утре ќе биде подобро“? Вакви концепти десница на Мицкоски нема; левицата на Заев има, но дали ќе ги испорача, останува да видиме во годините што ни следуваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот