Заев и Борисов и денеска на слушалка, неизвесна првата официјална посета на премиерот

Се уште не се знае дали премиерот Зоран Заев утре ќе ја оствари првата официјална посета откако по подолга пауза повторно седна во фотелјата на Илинденска и ќе отпатува во Софија на завршниот Самит од Берлинскиот процес, со кој копретседаваат Македонија и Бугарија. Од Владата за Слободен печат потврдуваат дека во текот на денов двајцата премиери, Зоран Заев и Бојко Борисов, повторно ќе остварат телефонски разговор за да ги допрецизираат деталите за утре, но не се исклучува можноста одново да се постави како тема ветото на Бугарија за преговарачката рамка за земјава. Се поизвесно е дека тет-а-тет средба ќе нема, поради тоа што бугарскиот премиер најверојатно се уште е со позитивен тест на корона, а утрешната прес-конференција ќе се одвива онлајн.

Простор за преговори со Софија се уште има, бидејќи Советот за општи работи, каде се очекуваше да биде донесена одлука за првата меѓувладина конференција со Македонија во декември, беше одложен за наредната недела.

– Се надевам дека до Самитот на Берлинскиот процес ќе биде реализирана мојата посета, за да поразговараме за сите работи. Секако јас сакам да ја посетам Република Бугарија и да биде мојата прва официјална посета како претседател на Владата заради тоа што навистина имаме и отворени прашања за разговори, изјави Заев кон средината на октомври.

Откако се формираше новиот владин состав, премиерот Зоран Заев единствено отпатува во неофицијална посета на Атина на годишната конференција на магазинот „Економист“, каде на маргините на оствари средба со грчкиот колега Кирјакос Мицотакис.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот