Буџетот за 2020 година ќе „тежи“ 3,6 милијарди евра

Владата наредната година планира да потроши 3,9 милијарди евра. Најголем дел од буџетот- 3,6 милијарди ќе бидат собрани од граѓаните и од фирмите, дефицитот е планиран за 2,3% и ќе се финансира со задолжување во земјава и странство.

За наредната година е предвиден економски раст од 3,8%, базиран, како што беше речено, на реални параметри. Во него најголем придонес ќе има домашната потрошувачка а 23 милијарди денари се предвидени за капитални инвестиции во кои не влегуваат средствата од Јавното претпријатие за државни патишта. Бруто инвестиции ќе растат за 8% а невработеноста се очекува да падна на помалку од 16%.

Премиерот истакна дека во средиштето на вниманието кога се креираат политиките се граѓаните и растот на стандардот и дека политиките во наредната година ќе бидат посветени на човечкиот потенцијал.

– И ако прашате зошто овој буџет се гледаше на две седници. За секој денар на граѓаните се водеше сметка каде ќе биде најдобро и најпродуктивно искроистен во полза на придобивките на нашите граѓани. Сепак, капиталните инвестиции остануваат повеќе од 23 милијарди денари која е вообичаената ставка во буџетот. За да биде скроен по мерка на граѓаните, овој буџет е влог во луѓето, во човечкиот капитал – рече Заев.

Министерката Ангеловска го оцени како реален предложениот буџет за наредната година.

– Причината поради која поддршката на човечкиот капитал е во фокус, односно вложување во граѓаните и создавање подобри услови за живот, е предизвикот со кој сме соочени како земја: да го задржиме и надградиме нашиот човечки капитал. Доколку не вложуваме континуирано во човечкиот капитал, како земја нема да имаме работна сила подготвена за работните места на иднината, нема да бидеме конкурентни со светската економија и нема да може да го одржиме економскиот раст. Свесни сме дека како земја според индексот на човечки капитал, кој ја мери потенцијалната продуктивност на детето согласно инвестираното во него преку здравството, образованието и социјалната грижа, заостануваме во регионот. Добар буџет, е оној буџет кој ги адресира приоритетите – а приоритет за раст и напредок на земјата е човечкиот капитал – рече министерката за финансии.

Ангеловска посочи дека буџетскиот дефицит за 2020 година е определен на ниво од 2,3 отсто, односно на пониско ниво од годинава за која е проектиран дефицит од 2,5 отсто и 2018 година кога беше 2,7 отсто. Ова, според министерката, е важен показател на силната определба за фискална консолидација, проследена со натамошна буџетска дисциплина и обезбеден значителен фискален простор за поддршка на домашната економија и граѓаните и инфраструктурни проекти.

Во однос на задолжувањата, и таа повтори дека тие средства че бидат наменети единствено за капитални инвестиции и за враќање на старите долгови.

– За наредната година имаме обврска од 438 милиони евра по основа на стар долг, а предвидено е вкупно задолжување од 558 милиони евра. Во однос на задолжувањето дома, предвидуваме да се задолжиме со 440 милиони евра од кои 265 милиони евра се наменети за отпуст на стари долгови. Нашите заеми значи освен за сервисирање на земените кредити од минатото ќе бидат само за капитални инвестици, односно за покривање на буџетскиот дефицит – рече министерката за финансии.

Предлог-буџетот за наредната година ќе биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот