За паркирање возило на фирма во зонско до 4.000 денари месечно, за службено на станар 300 денари

Фото: Слободен печат/Анета Стојковска

Според ценовникот на јавното претпријатие задолжено за регулирање на сообраќајот во мирување, месечна претплата за приватно возило на вработени кај правен субјект со седиште во одредена зона чини 800 денари, а 1.000 денари треба да издвои фирмата за свој службен автомобил во зона Д.

Зошто станар што користи службено возило може да се паркира за 300 денари месечно, а фирма со седиште во одредена зона за паркирање за своето возило треба да издвои од 1.000 до 4000 денари месечно? Сопственици на фирми регистрирани во Карпош, каде што од неодамна е воведено зонско паркирање, сметаат дека е неправедно што не им следува барем едно бесплатно паркинг-место, како на станарите.

На прашањето зошто е тоа така, од ЈП „Градски паркинг“ нема одговор, но на нивниот јавно објавен ценовник што се однесува на цените во сите паркинг-зони, многу јасно може да се види оваа разлика во плаќањето.

 Зошто фирма со седиште во Карпош да не добие барем едно место бесплатно? Многу фирми се со седиште во станбени објекти и нема причина да плаќаат толку високи цени за паркирање. Ова личи на рекет за фирмите што плаќаат фирмарина кон Општина Карпош и многу даноци на државата. Еве го мојот личен пример: јас сум станар на Карпош 1, на адресата на станот имам регистрирано седиште на фирма на која сум сопственик (не сум вработен). Поседувам патничко возило кое е регистрирано на фирмата. За јас да паркирам пред мојата зграда, „Градски паркинг“ ми бара 1.000 денари месечно – вели Дарко, станар и сопственик на фирма со седиште во оваа населба.

Притоа, според ценовникот на јавното претпријатие задолжено за регулирање на сообраќајот во мирување, месечна претплата за вработени кај правен субјект што со своето седиште гравитира на јавната површина наменета за паркирање, без оглед дали станува збор за паркиралишта со влезно-излезна рампа или за зонско, изнесува 800 денари. Значи 800 денари за месечно паркирање приватно возило на вработен во фирма лоцирана во Карпош 1 или 2, а 1.000 денари за службено возило на фирмата. Притоа, станарите што сакаат да паркираат службено возило што постојано го користат, но кое припаѓа на фирма што не е со седиште во таа зона, плаќаат само 300 денари месечно.

Жителите на Ново Лисиче и Реонски центар се анкетираат дали се за зонско паркирање

Ова се цените што јавното претпријатие „Градски паркинг“ ги применува не само за зонското во Карпош, туку за паркирање во зона Д во сите делови од градот. Во другите зони е уште поскапо. Па, така, фирмите во зона А плаќаат месечно по 4.000 денари за службено возило, но станарите во сите зони за службено возило и вработените за приватно возило во сите зони плаќаат иста сума на месечно ниво, првите по 300, а вторите по 800 денари.

Се разбира, големи се и разликите во цената на еден час паркирање, која се разликува од една до друга зона, па така најскапо е во зона А и А0, каде што првиот час чини 75 денари, а секој нареден час 50 денари, а најевтино во зона Д каде што на јавните паркиралишта се плаќа 30 денари на час, а во зонско 25.

И цените на казнените билети или како што „Градски паркинг“ ги нарекува доплатни билети се исти независно од зоната.

Доплатен билет се издава доколку корисникот на услугите не го регулирал паркирањето, го надминал дозволеното време за паркирање, не го истакнал билетот, поставил неисправен билет, не е корисник на истакнатиот билет, не извршил плаќање во предвидениот рок или, пак, доколку при паркирањето не ја почитува хоризонталната и вертикалната сигнализација односно доколку неинвалидизирано лице се паркира на место за лица со посебни потреби – стои во ценовникот на „Градски паркинг“.

Овој доплатен билет изнесува 990 денари за нерегулирана паркинг-услуга и 3.000 денари за паркирање на место за лица со попреченост. Од претпријатието „заборавиле“ јавно да објават колку чини доколку на тркалото на возилото стават блокатор и доколку кренат нечиј автомобил со „пајак“, ниту, пак, објасниле во кои случаи го прават тоа, за каков прекршок што не е опфатен со доплатниот билет.

Како и да е, има многу нелогичности во цените на услугите на „Градски паркинг“, но за жал оттаму не се расположени да даваат објаснување. Затоа, уште еднаш јавно им го поставуваме прашањето од сопствениците на правните субјекти: Зошто фирми регистрирани со седиште во одредена зона за паркирање не добиваат бесплатно паркирање за ниту едно возило? Зошто и за нив не важат истите услови како за станарите, иако и тие „живеат“ таму?

„Градски паркинг“ ќе организира отворен ден за карпошани за зонското паркирање

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот