За македонизмот како таков

Изборот на борба за македонизам како да го деградира чувството за стабилно опстојување на интелектуалното сознание за идентитетската  одредница на сите ние кои денес се нарекуваме Македонци и го говориме македонскиот јазик, различни од другите луѓе кои себе си определиле поинакви идентитетски одредници и своето јазично изразно средство го именувале поинаку.

Човек да се запраша како актуелнава употреба во јавниот дикурс на терминот македонизам, особено „борбата за македонизам“ влијае на неговата психа, кога тој себе се поистоветува со идентитетската катактеристика Македонец, дека зборува јазик кој самиот го нарекува македонски, како и именувањето на традицијата и културата која произлегува од неговото семејно наследство, потесно опкружување? Одамна е познато дека користење на разни термини во јавноста, а пред сè во политиката (за жал и во науката) ја покажува нивната мултизначност, но нивниото влијание во сферата меѓународните односи создава основа за тензии и конфликти. Кога веќе сме на наше тло, и терминот – македонско прашање – долго во наведените сфери било прашање за тоа кој ќе владее со територијата на Македонија за, по долгиот процес на самоидентидикација на не мал дел од населението да стане нивна цврста етно-културна идентификација, како впрочем во сличните процеси на градење нација кај другите народи.

Ако тргнеме пак, од лексичката основа на кованицата македонизам, под неа би се подразбралa употреба на изрази, зборови, пa дури и цели јазично формулирани мисловни операции кои имаат свое потекло од Македонија, од нејзината географска, но и етно-културна супстанца.

И тука ќе дојдеме до прашањето: Која е таа географска (што би подразбрало ограничен територијален обсег) супстанца и во кој временски или историски период таа се манифестира како цврста подлога за мое поистоветување како припадник на борбата за македонизам? Односно која организирана структура била доминантна во обликувањето на географската територија Македонија за да јас се поистоветам со терминот македонизам и да се борам за негова исклучива детерминација со моето актуелно биттисување? Се ределе такви структури во кратки или подолги претстои и владееле со оваа територија или нејзини делови, а кои суптилно, кои со примена на закони, па и груба сила се обидувале да ги остварат поставените цели на своите владеачки елити. Да, некои од нив и формално ја носеле и придавката македонски, мотивирани за нејзината употреба како владетели на таа историска територија или за себеси да се диференцираат од владетелите на соседните територии. Со која од овие структури денес, јас кој говорам и пишувам на овој јазик да се поистоветам за да бидам борец за македонизам? Па сите тие неспорно имале намера да владеат за да ги остварат своите тогашни партикуларни интереси…

Да го видиме и елементот на етно-културната супстанца која ме врзува за борбата за македонизам! Тука, секако, централно место ќе заземе психолошко-културното милие во кое секое дете е втурнато со своето раѓање, со првите гласовни и визуелни претстави на надвиснатите врз него родители, негуватели, стратели… А сите тие си носат своја искуствена стварност, на која детето не може да има влијание, туку може само да ја надоградува или обликува во текот на самостојно стекнуваните сознанија со растењето и формирањето на својот карактер и образование. Значи, условите за впивање на искуствата на претходната генерација како свои доаѓаат под „удар“ на развојот и интересите на новиот член на заедницата. Обемот на прифаќање и поистоветување на новиот член на заедницата со искуствата на претходната генерација неминовно зависи од актуелните услови во кои тој опстојува, се бори да се докаже, да изгради своја, поуспешна сегашност од онаа на претходната генерација. Штом е тој обем поголем, новиот член ќе се судира со премрежијата и борбите со кои се соочувале и неговите претци, и обратно, што е тој обем помал, бидејќи новиот член на заедницата не се судрува со истите социјални, економски и политички дадености као претходната генерација, неговото прилагодување кон актуелната стварност ќе биде попродуктивно и попросперитетно, а со тоа и неговата самодоверба во избраната ориентација.

Заради тоа, изборот на борба за македонизам како да го деградира чувството за стабилно опстојување на интелектуалното сознание за идентитетската  одредница на сите ние кои денес се нарекуваме Македонци и го говориме македонскиот јазик, различни од другите луѓе кои себе си определиле поинакви идентитетски одредници и своето јазично изразно средство го именувале поинаку. Овде не се работи за заштита на нешто што некој се обидува да ни го одземе, бидејќи само слободата може да ни ја ограничи, но не и сознанието, душата и паметот кој сме ги гаеле во нашиот индивидуален развој.

Па да се вратам и на првично споменатото значење на терминот македонизам, во оваа негова лингвистичко-литературна форма. Секој лингвист ќе потврди дека користењето на таквиот термин со додавка…ИЗАМ значи дека од една психо-културна средина се позајмуваат зборови, изрази, фрази, изразни формули во друга психо-културна средина. Народите неможе херметички да се затвораат заради своите социјални, економски и културни потреби. Така ние во нашиот јазик и култура, со историското и актуелно општење, користиме турцизми, бугаризми, србизми, албанизми, грцизми…, па со македонизми ги збогатуваме и соседните етно-културни средини.

Секако овој термин, македонизмот е податлив во актуелново политичко и политикантско толкување и особено за наддавање како најподатливата тема (за напад или одбрана) и за освојување и одржување на власта на една или друга политичка опција, во една или друга средина. Секако, неговата употреба од официјална странска средина добива призвук на претензија за „регулирање“ на состојби во Македонија, а и за „санирање“ на состојби во таа средина.

Меѓутоа, актуелното користење на борбата за македонизам, добива призвук и за наша убеденост дека, преку …ИЗМОТ треба да се бориме за наметнување на (политичко) влијание кај нашите соседи во чии државни граници денес има не мали делови од географската територија на Македонија. Во тој случај, тој пристап се коси со плебисцитарната, стратешка определба на сите општествени и политички сили во Република Северна Македонија да ја вклучиме државата во замисленото богатство на европската цивилизација на различности – а сме се определиле да ги користиме вредностите кои таа ги носи, и во неа да ги вградиме нашите автохтони македонски вредности, кои не се безначајни и се компатибилни со европските.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот