За кого била наменета неделната „порака“ од пукањето во „Александар Палас“?

Тројцата маскирани и вооружени кои во неделата рано наутро пукале кон петмина мажи кои седеле во ресторанот на хотелот „Александар Палас“, според „потписот“ кој зад себе го оставиле, не биле аматери. Во нападот било употребено и автоматско оружје, а голем дел од трагите ги уништиле, тврдат за „Слободен печат“ од полицијата која веќе детално го истражува целиот случај.

Засега се знае дека во неделата, триесетина минути после полноќ, пред подвижната врата за влез и излез од хотелот со вперено автоматско оружје и пиштол застанале тројца мажи, носеле облека во темна боја и црни маскирни капи на главата. Еден од нив два пати почнал да вика „полиција, полиција“ по што почнала пукотницата кон ресторанот на хотелот каде седеле Е.И. (21), И.Е. (25), О.Б. (35), К.И. (41) и Љ.Ќ. (25) сите од Скопје.

Куршумите летале на сите страни. Петиот маж кој седел со петмината нападнати бил полицискиот службеник Љ.Ќ., кој во тој период не бил на работа, но со себе го носел службениот пиштол. Го вперил кон напаѓачите и испукал десетина куршуми, но ниту еден не ги погодил.

Тие пак, влегле во џип „туарег“ и го голема брзина избегале од пред хотелот во правец кон Тетовска трошарина, а од таму преку Автокоманда, стигнале во непосредна близина на скопското село Арачиново.

Џипот го полиле со запаллива течност, а двете автоматски пушки модел „АК-47“ кои биле употребени во нападот биле фрлени во багажникот на возилото. И тие како и возило целосно изгореле.

Со друго возило, според трагите кои останале во нивата, избегале од локацијата, а пожарот буквално го пеплосал џипот. Откако се проверила полициската база на податоци се открило дека не само џипот, туку и табличките кои биле „залепени“ на возилото биле украдени од друг автомобил. Сите ДНК траги од напаѓачите се уништени во пожарот. Единствено, делумно читливи останале сериските броеви на оружјето.

Дознаваме дека истражителите веќе ги анализираат снимките од безбедносните камери од хотелот, но и од безбедносно-сообраќајните надзорни камери низ градот, посебно тие кои ја покриваат трасата по која избегале напаѓачите.

Ниту еден од шестмината потенцијални жртви на тројцата напаѓачи на полициските иследници не им дал посебен детаљ или се присетил зошто некој би сакал да пука кон него.

Од полицијата не откриваат која е можната причина за нападот. Претпоставките на истражителите, а таа опција се истражува, се однесуваат на можните бизнис врски или нарушени односи на некој од групата на оштетените со одредена личност или група од криминалниот свет. Но, сето тоа сè уште е непотврдено и е шпекулација.

За полициските иследници има три сценарија за неделниот немил настан во кој за среќа никој не е повреден. Првото сценарио, според нив, малку „држи вода“. Имено, напаѓачите откако увиделе дека кон нив е пукано, се испаничиле и избегале. Второто сценарио, кое е базирано на трагата на чаурите кои зад себе ги оставиле напаѓачите говорело дека немале план да влезат во хотелот и да ранат некој од групата, додека третото сценарио е дека на оштетените само им пратиле криминална „порака“ дека кај и да се, се лесна мета.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот