За две недели се вакцинирале над 200 деца во рамки на кампањата на МЗ и СЗО

Фото: EPA-EFE/Ben Birchall / POOL

Над 200 деца кои ги пропуштија рутинските вакцини ја искористија кампањата на Министерството за здравство и Светската здравствена организација, која има за цел да ја подигне свеста за важноста на вакцините.

Кампањата „Од врата до врата“ почна на 24 април 2023 година, како дел од Европската недела на имунизација 2023 година и се реализира со финансиска поддршка од ЕУ.

Во неа се вклучени повеќе од 30 медицински тимови, кои до крајот на овој месец планирано е да посетат 2.900 семејства, во над 120 населени места. Тимовите составени од здравствени работници ги презентираат бенефитите од имунизација, а воедно вршат и администрирање на вакцини против Ковид-19 и рутинска вакцинација, велат од Министерството.

Покрај вакцинацијата, медицинските тимови поделија и над 4.000 информативни брошури.

Со кампањата се опфатени 20 општини – 120 населени места, рурални и урбани, каде е регистриран понизок опфат на вакцинирани деца согласно календарот за задолжителна имунизација, како и вакцинација против Ковид-19.

Тимовите ги информираат семејствата за придобивките од имунизацијата, делат промотивен материјал и во договор со родителите имаат можност да закажуваат термини за вакцини од редовниот календар за имунизација.

Предвидено е кампањата да трае пет недели, односно до крај на месец мај и планирано е да се посетат над 2.900 семејства.

Во рамки на кампањата, постарите лица над 60 години имаат можност на лице место да примат поливалентна вакцина против Ковид-19 како бустер доза.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот