За анкетите и самобендисаноста

Марин Гавриловски

Наместо да пушта во јавноста невешто креирани информации дека анкетата била наместена, владејачкото мнозинство треба да се сконцентрира на тоа да ги убеди оние 58 отсто од испитаниците дека тие сепак нешто работат во државава и тоа во полза на граѓаните, а не за лична корист и богатење.

Дали некој се изненади од анкетата, нарачана од ИРИ (Меѓународниот републикански институт), во која граѓаните одговараа на неколку актуелни, но и на оние веќе вообичаени прашања кога станува збор за анкетите? Дали некој е изненаден од тоа дека граѓаните не се задоволни од тоа во која насока се движи државава или, пак, дека довербата во државните институции изнесува само четири проценти?

Меѓународниот републикански институт е невладина организација од САД, во која претежно членуваат претставници на Републиканската партија, основана во времето на распадот на комунистичкиот блок, на иницијатива на тогашниот претседател Роналд Реган, со цел да им се помогне на новите демократии во нивниот развој. Повеќе од дваесет и пет години на чело на оваа институција беше сенаторот Џон Мекејн, а во 2018 година, по негова препорака, за негов наследник е избран сенаторот од Алјаска, Даниел Саливен. Во бордот на директори помеѓу другите се и влијателните сенатори Мит Ромни и Марко Рубио. По својата природа, оваа невладина организација повеќе ги фаворизира десно ориентираните партии. Анкетите што ги организира, не само во Македонија туку и во голем број земји во светот, се индикатор на расположението на граѓаните во тие земји.

Она што е главна констатација на ИРИ за анкетата спроведена во нашата земја во септември и октомври 2022 година, преку интервјуа лице в лице во домовите на испитаниците на репрезентативен примерок од 1.207 анкетирани е: граѓаните се незадоволни од насоката во која се движи државата, потоа, силната поддршка за членство во ЕУ и зголемувањето на позитивната перцепција за Турција и Кина.

Констатацијата, пак, во домашната јавност е сосема поинаква. Кај нас, фокусот секогаш се става на рејтингот на политичките партии и на нивните лидери. И, кога сме веќе кај политичарите, оваа анкета дава еден поразителен факт, а тој е дека најпопуларен политичар во Македонија е криминалецот и бегалец од правдата, Никола Груевски. Се разбира, треба да се има предвид дека тој рејтинг изнесува само седум проценти, а 38 проценти од испитаниците не веруваат во никој политичар. Другите политичари имаат рејтинг на ниво на статистичка грешка. Па, така, на пример, Мицкоски и Ахмети се изедначени со рејтинг од 6 отсто, Ковачевски има 5 отсто, а претседателот Пендаровски има ист рејтинг со Апасиев – само 3 отсто.

Оттука не е ни чудо што 58 отсто од граѓаните се изјасниле дека државата не се движи во правилна насока, а довербата во државните институции (обвинителството, судството, парламентот, но и во политичките партии) е на неверојатно ниско ниво од 3-4 отсто.

Некои незадоволници од резултатите на анкетата веднаш се јавија со информација дека таа била наместена, иако не гледам дека кој било од политичките чинители би требало да биде задоволен со овие резултати. Па и самиот Мицкоски има помал рејтинг од Груевски, од што да биде тој задоволен? Или, пак, доколку тој ја нарачал анкетата, би требало да се претпостави дека неговиот резултат би бил подобар. Исто така, не верувам дека ИРИ би се бламирал и би дозволил главниот победник на анкетата (бегалецот Груевски) да се крие зад нарачката на испитувањето на ова јавно мнение.

Од друга страна, најнезадоволен, со право, би требало да биде премиерот и владејачката партија, која за да се бодри самата себе си одржа своевиден митинг во салата „Борис Трајковски“, само неколку денови пред објавувањето на резултатите од анкетата. Но, кога си партија на власт не е тешко да се соберат членовите и симпатизерите од цела Македонија и да се донесат во Скопје на митинг, тоа воопшто не е реален приказ на состојбите во државата и за популарноста на политичките партии. Колку пати треба да се повтори дека изборите не ги добива послушното гласачко тело (читај: партиските војници и нивните семејства) туку неопределените избирачи. Секој што сака да победи на избори треба да се насочи кон нив, кон неопределените, и своите политики да ги креира така што ќе бидат насочени кон потребите на тие граѓани, а не кон своите партиски послушници што секако слепо ќе гласаат за својата партија, без оглед на тоа колку лоша политика води партиското раководство.

И затоа, наместо да пушта во јавноста невешто креирани информации дека анкетата била наместена, владејачкото мнозинство треба да се сконцентрира на тоа да ги убеди оние 58 отсто од испитаниците дека тие сепак нешто работат во државава и тоа во полза на граѓаните, а не за лична корист и богатење.

Поразителниот факт дека огромно мнозинство од граѓаните е незадоволно од насоката во која се движи државата е резултат на сеопштиот тренд на губење доверба во институциите што во изминатите години покажаа неспособност да се справат со предизвиците, како што беа пандемијата, економската криза и војната во Украина, но и загрижувачката состојба во правосудството и високиот степен на корупција, против кои ниту една влада во изминативе дваесетина години не успеа да покаже позитивни резултати.

Вториот поразителен факт е дека 7 отсто од испитаниците сметаат дека Никола Груевски, со правосилна судска пресуда осуден криминалец и бегалец од правдата е најдобриот политичар кој Македонија го има сега. Колку треба да си ограничен, да не речам глупав, за да сметаш дека некој кој од државава украл повеќе стотици милиони евра, го оставил своето семејство, своите деца и побегнал со вреќи народни пари за да живее во некој хотел во кој ќе има дваесет и четиричасовно обезбедување е најдобриот политичар во државава. На сите оние што сметаат дека Груевски е најдоброто нешто од политичката понуда, треба под итно да им се одземе деловната способност, а со тоа и правото да го даваат својот глас на некои идни избори.

Единствената светла точка од анкетата на ИРИ е и понатаму високиот степен на доверба во ЕУ и во евроинтеграцискиот процес. Ова го разбирам како можеби последната сламка за која се фаќаат граѓаните во надеж дека единствено само некој од надвор, кој не е купен ниту, пак, под влијание на политичките партии може да помогне во излегувањето од оваа тешка сеопфатна криза во која се наоѓа Македонија. Ах, кога би била работата толку едноставна.

Авторот е адвокат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот