Време е за крај на фарсата

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

По повторниот студен туш во јуни ќе заземам став за целосна радикализација во односите со Бугарија, почнувајќи од напуштање и растурање на веќе бесмислената македонско-бугарска мешовита историска комисија, прекин на сите дипломатски односи, па дури и ако сакате протерување на бугарскиот амбасадор и повлекување на нашиот од Софија.

Кога претходниот бугарски премиер Бојко Борисов, под притисок на неговиот тогашен коалициски партнер Красимир Каракачанов, го употреби инструментот вето, уште тогаш апелирав, предупредував, давав аргументи и анализи дека таквиот непромислен потег во надворешнополитичката дипломатија на Бугарија ќе предизвика трајно нарушување и оштетување на и онака катастрофалните односи помеѓу нашите две земји во изминатите безмалку осумдесетина години и дека потоа ќе требаат години, ако не и децении тие да се поправат. И дали воопшто ќе може да се поправат.

Еднаш употребеното вето е инструмент што многу тешко потоа може да се тргне и претставува товар и „камен околу вратот“ врз секоја идна владејачка структура и гарнитура во Бугарија. Таков „мираз“ во наследство доби поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, таков доби и актуелниот бугарски премиер Кирил Петков, кој за волја на вистината се обидува преку дипломатска активност да најде светло на крајот од тунелот во кој нè напикаа претходните бугарски власти во нашите македонско-бугарски односи.

Само радикални чекори ќе изнедрат решение!

Сепак, на патот кон светлото и излезот од мрачниот тунел, бугарскиот премиер Кирил Петков се соочува со мрачните бугарски сили инсталирани во сите круцијални општествени пори на живеењето: во политичкиот, воено-безбедносниот, културно-образовниот и особено во медиумскиот сектор. Коалициските претставници во владата на бугарскиот премиер, пред сè БСП на Корнелија Нинова и Има таков народ на шоуменот Слави Трифонов, на чело со реизбраниот бугарски претседател Румен Радев во изминативе шест месеци прават сè да ги осуетат и да ги минираат сите минимални шанси и напори на бугарскиот прв извршен политичар, кој се обидува да најде достоинствен излез од замрсената ситуација што ја затекна. Веќе е очигледно дека и на јунскиот самит ќе добиеме преповторено вето и сето тоа ќе заврши со „охрабрување од европските челници“ да се решат меѓусебните недоразбирања и разлики меѓу двете земји со заклучоци дека Македонија час поскоро со Албанија треба да ги почне долгоочекуваните преговори со Унијата.

За да не завршиме во целосно замрзнат конфликт што ќе трае со децении, како „спорот со името“, јас и покрај тоа што во изминатиов период се залагав за прифатливо решение, по повторниот студен туш во јуни ќе заземам став за целосна радикализација во односите со Бугарија, почнувајќи од напуштање и растурање на веќе бесмислената македонско-бугарска мешовита историска комисија, прекин на сите дипломатски односи, па дури и ако сакате протерување на бугарскиот амбасадор и повлекување на нашиот од Софија. Знам дека звучи неверојатно и „тешко“ за реализација, но верувајте дека само целосна радикализација на односите може да ги запали црвените аларми во Вашингтон и највисоката американска дипломатија да се вклучи во решавање на овој веќе безбедносен проблем во јужното крило на НАТО, на фонот на неверојатната руска воена агресија во Украина и безбедносните ризици што таа ги носи врз целокупниот европски континент. Секое понатамошно наше млако и бегло инсистирање за изнаоѓање заемно прифатливо решение од бугарската страна ќе биде восприемано како наша слабост и тоа ќе биде злоупотребувано за да слушаме уште поомаловажувачки и понавредувачки изјави од официјална Софија. Време е за стоп и за објава на крај на ваквите понижувања.

И од „лудиот има полуд“

Знаете кога севернокорејскиот лидер Ким Ил Ун првпат се исплаши од своите меѓународни непријатели? Кога на сцената му се појави Доналд Трамп како претседател на најмоќната воена нација во светот и од говорницата на ООН без дипломатски ракавици директно му се закани дека „ќе го уништи малото ракета човече“. Тогаш тоа човече што им се закануваше на сите и секаде со употреба на нуклеарното оружје, збунет дека во светот се појавил некој „полуд“ од него изјави дека „Трамп е психички болен“. Ова ви го велам зашто со таа фина, дипломатски коректна реторика не може да најдете компромис со лудаци, идиоти и со примитивци во меѓународните односи и политика. Напротив, треба да бидете полуд од нив и да им докажете дека не сте боксерска вреќа за лечење на нивните историски фрустрации. За да се исплашат од вас и да сфатат дека „и од нив има полуди“. Покажувајќи им храброст и пркос. А не коленичење, понизност и бездостоинственост.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот