Време е да се стави ред во патничкиот туристички превоз

автобуси
Запленет автобус на скопската фирма „Бога транспорт“/ Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Триесет години се бара со закон да се лиценцираат автобусите по каталог, но државата нема слух за овој проблем, па оттука се случува шаренило со цените, односно некој вози за 0,80, а некој за 1,20 евра за километар, велат добро упатени извори за „Слободен печат“.

Време е да се направи сериозна категоризација на автобусите кои вршат превоз на патници за туристички цели и со тоа конечно да се справиме со нелојалната конкуренција, брифираат за „Слободен печат“, добро упатени извори од дејноста. Таквата систематизација, треба да биде слична на онаа на хотелите и на тој начин, ќе се избегнат дампинг цените во превозот и конечно ќе се воведе ред во туристичко-превозничката дејност. Нашите извори се согласуваат со констатацијата дека една туристичка агенција за свој партнер во аранжманот, понекогаш ја бара и најниската цена, а на свеста на превозникот е оставено да се грижи за квалитетот на услугата која ја нуди. Конечно треба да се постави и прашањето за тоа кој се организира и ги вози и ученичките екскурзии, додаваат експертите за „Слободен печат“.

-Триесет години бараме со закон да се лиценцираат автобусите по каталог, но државата нема слух за овој проблем, па оттука се случува шаренило со цените, односно некој вози за 0,80, а некој за 1,20 евра за километар. Не треба да се биде добар математичар за да се пресмета невозможноста на цената од осумдесеттина евра за една екскурзија, на пример до Турција, ако се знае дека само повратниот билет е над педесеттина евра – објаснуваат нашите извори.

Староста на патничките автобуси во земјава се движи некаде околу 20 години, но транспортните експерти укажуваат дека има автобуси кои се произведени уште во 1999 година, но се добро одржувани и редовно сервисирани, но има и понови кои се во лоша состојба.

-Увид во техничката исправност на автобусите се врши според законскиот протокол, кој пропишува два пати годишно да се врши технички преглед. Сепак се зависи од свеста на превозникот, оти возачите на душа носат 55 до 80 луѓе во зависност од капацитетот. Уште еден проблем се провлекува низ годините а тоа е фактот дека во земјава немаме професионални овластени сервиси, па така и за најмал дефект ги носиме во соседните земји. Во последно време се појавуваат се повеќе остручени мајстори, но и тоа не е доволно – велат нашите извори.

Според податоците на Царинската управа до септември годинава во земјава се увезени само 10 нови автобуси и минибуси, а 160 половни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот