Вратата кон ЕУ затворена, но не и заклучена – Слободен печат
ВестиВи ПрепорачувамеМакедонија

Вратата кон ЕУ затворена, но не и заклучена

Острата реторика на францускиот претседател Емануел Макрон не значи затворање на европските врати, туку е класичен повик до политичките фактори во Македонија и во Албанија да се обединат околу принципите на демократската и правната држава, сметаат експертите.

Потребна е стратешка агенда со соседните земји на ЕУ, но не е нужно тие држави да бидат идни членки на европското семејство. Со оваа изјава францускиот претседател Емануел Макрон како да ги закопа сите надежи дека не само Македонија, туку дека која било земја од Западен Балкан некогаш ќе стане членка на Европската Унија.

Домашните политички аналитичари, сепак веруваат дека изјавата на Макрон не значи затворање на европските врати за државите од Западен Балкан, туку, напротив, таа претставува јасен повик за обединување на политичките лидери во Македонија и во Албанија. Меѓу другото, францускиот претседател најави и посета на земјава во текот на следниот месец, а тој негов потег, според аналитичарите, јасно дава до знаење дека сè уште е во игра евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан.

Во меѓувреме, високи владини извори за Телма потврдиле дека следниот месец Италија наводно повторно ќе го врати прашањето за преговори за членство на Македонија и Албанија. Како што објави телевизијата, прашањето ќе биде повторно активирано на Советот за општи работи (ГАК) кој ќе се одржи на 19 ноември годинава, а официјална покана за присуство на состанокот била испратена и до премиерот Зоран Заев.

Повик наместо закана

Првиот министер за надворешни работи во самостојна Македонија, Денко Малески, вели дека изјавата на францускиот претседател не значи затворање на европските врати, туку е класичен повик до политичките фактори во Македонија и во Албанија да се обединат околу принципите на демократската и правната држава.

– Таа реченица што ја изусти Макрон значи дека критериумите на ЕУ во иднина ќе бидат уште построги и дека многу внимателно ќе се анализира поведението на партиите во овие две земји. Добивањето датум за преговори отсега ќе биде уште потешко, но од друга страна, не постои никакво отфрлање на нашата земја од Европа. Западен Балкан дефинитивно влегува во границите на ЕУ и од оваа идеја не отстапува францускиот претседател – објаснува Малески.

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски, пак, вели дека изјавата на Макрон околу проширувањето е многу индикативна, меѓутоа, како што додава, не мора да претставува и политика на Унијата.

– Критериумите на ЕУ се заоструваат, преговорите ќе траат многу долго, па европската перспектива на земјите од регионот е сериозно доведена во прашање. Макрон уште претходно најави специјална политика во однос на Балканот, а сега тоа го потврдува заедно со најавата дека за брзо време ќе го посети регионов – вели Никовски.

Тој посочува дека сериозен е отпорот на главните земји од Унијата против проширувањето, а како што додава, многу веројатно е дека таа наша аспирација ќе биде на маса уште долги години.

– Уште поважно е дека дури и да добиеме датум, Бугарија најави 71 прашање кое ќе треба да биде решено и ни порача дека датумот не мора да значи членство. Од друга страна, ако реално гледаме на работите, Црна Гора нема никакви проблеми со соседите, а сепак во ЕУ ќе влезе дури по 15 години поминати во преговори. Тоа значи дека нам ни преостануваат минимум 25 години за преговарање – објаснува Никовски.

Државен консензус

Шефот на државата Стево Пендаровски истакна дека сите политички партии во земјава се согласни дека државата треба што поскоро да ги почне и да ги заврши пристапните преговори со ЕУ.

– Имаме јасен државен консензус од релевантните политички лидери во нашата земја дека стојат зад идејата Република Северна Македонија што е можно поскоро да ги почне тие преговори и што е можно поскоро да ги заврши преговорите и да стане полноправна членка. Сите присутни на средбата се согласни дека немаме проблем со евентуална нова и подобрена методологија за водење на пристапните преговори. Сите присутни на средбата рекоа дека немаат проблем ако новата методологија подразбира реверзибилност на процесот, значи едно поглавје кога ќе го затворите, ако трендовите во таа област се негативни, слободно може да не вратат назад, па дури и на самиот почеток од процесот. Немаме од што да се плашиме, тоа е во наш интерес и во интерес на нашите граѓани – изјави Пендаровски.

Тој потенцира дека сите лидери присутни на лидерската средба во неделата рекле „не“ на какви било алтернативи на полноправното членство на Македонија во ЕУ и се обврзале да работат за побрзо приклучување во Унијата независно кој е на власт или во опозиција.

– На маргините на дебата која сите ја следевме и која се водеше во Брисел и во Луксембург, постоеја и некои поинакви размислувања дека можеби ние треба да бидеме ставени во категоријата на соседство, што е сосема друга категорија во односот ЕУ и ние. Ние сме дел од Европа и според базичните документи, според основачките документи на ЕУ, ние имаме право да бидеме членка на ЕУ еден ден кога ќе ги задоволиме критериумите затоа што базичните документи од 1957 година велат дека секоја држава на континентот може да аплицира и да стане членка на таа организација – рече Пендаровски.

Поранешниот амбасадор на Македонија во Франција, Благој Зашов, вели дека пораката што ни ја испрати Париз навидум изгледа негативна, но дека со текот на времето реакциите ќе стивнат и ние повторно ќе треба да тргнеме во нови походи за добивање датум за влез во ЕУ.

– Еуфоријата е нешто што е негативно во политиката и во дипломатијата, па мојот совет е дека и отсега треба смирено да работиме и да ги преземеме оние чекори што нè очекуваат во однос на реформите – вели Зашов.

ЦДУ/ЦСУ: Патот кон ЕУ останува отворен

Владејачката германска коалиција ЦДУ/ЦСУ смета дека патот на ЕУ останува отворен за Северна Македонија и за Албанија, и покрај негативниот исход од минатонеделниот состанок на Советот на ЕУ во однос на отворањето на пристапните преговoри со двете земји.

Заменик-претседателот на парламентарната група, Јохан Вадефул, како и парламентарниот известувач Кристијан Шмит, ги повикаа Скопје и Тирана да продолжат со реформите и да ги разубедат сите кои се сомневаат дека нивното место е во ЕУ.

– Ги повикувам двете држави да го сфатат негативното гласање на Европскиот совет како поттик да ги продолжат сите реформски напори. Ако двете земји останат на курсот, Париз нема да може да ги запре преговорите за пристапување по втор пат. Германија ја поддржува и стои зад европската перспектива на Западен Балкан – вели Вадефул.

Кристијан Шмит, пак, смета дека негативната одлука на Европскиот совет мора навремено да се ревидира.

– Патот на Северна Македонија и Албанија и врските со Европската унија не смеат да бидат блокирани. Ние остануваме убедени дека во ЕУ има место за сите земји од Западен Балкан доколку ги исполнат критериумите. Ова конечно вклучува и почеток на пристапните преговори – вели Шмит.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close