Враќањето на довербата треба да биде обострано

Драган Тилев

И ние сакаме реформи во ЕУ, подобрување на нејзината ефикасност, а со тоа и на нејзината атрактивност, сакаме да бидеме дел од силна, влијателна и суверена, а не од дезориентирана, неодлучна и неефикасна Европска Унија.

Историјата се состои од фикции, приказни во кои веруваат доволно голем број луѓе што ја одржуваат во живот приказната и кои ја реализираат (и живеат во неа и со неа). Доколку довербата во приказната исчезне или не може да обезбеди доволна критична маса, народ за широка поддршка, приказната ќе престане да постои. Само оптимизам може да турка масивни, масовни и долготрајни стратешки процеси нанапред, како што е европската интеграција и Европската Унија. Затоа, не ни треба само датум, туку и јасна временска рамка за полноправно членство, бидејќи само така ќе се врати довербата во процесот, предвидливоста и атрактивноста.

Првиот обид да се утврди временска рамка (Јункер, 2018) за членство за Црна Гора и на Србија до 2025 година се чини пропадна, штета. Вториот обид (Јанша, 2021, Брдо) за членство во ЕУ за целиот Западен Балкан до 2030 година беше одбиен со иронија и потсмев, јас пак мислам дека за потсмев се тие што не ја разбраа сериозно идејата и го отфрлија така лесно предлогот. За жал, дел од нив сè уште не ја разбираат сериозноста и тежината на оваа временска цел. Какво отсуство на визија, недостиг на способност за расудување и политичка кратковидост.
Не е доцна, предлогот може да се врати на маса, не само како наша „политичка“ туку како реална државна и општествена цел. 2030 година треба да биде маркирана и од ЕУ како година кога ќе биде спремна за прием на нови членки, доколку дотогаш ние или која било земја од Западниот Балкан биде целосно спремна за членство, реформирана, усогласена со европското право и со технички стандарди со капацитети што ќе обезбедат наше учество во работата на сите ЕУ институции и дефинирањето и имплементацијата на европските политики.

Лично, не поддржувам идеи за фазно приклучување кон ЕУ. Сметам дека тоа е дестимулативно и погубно. Се разбира, низ пристапните преговори ќе се интегрираме во сите ЕУ-политики постепено (ЕМУ, Шенген и сл.), но со една цел – на крајот од процесот, полноправно и рамноправно членство во ЕУ. Јасно ни е дека за 5-7-9 години ЕУ нема да биде иста, и не треба да биде иста, непривлечна. И ние сакаме реформи во ЕУ, подобрување на нејзината ефикасност и ефективност, а со тоа и нејзина атрактивност. И ние сакаме да бидеме дел од силна, влијателна, отпорна и суверена ЕУ, а не од дезориентирана, неодлучна и неефикасна Унија.

Само предвидлив процес и, секако, не предолг може да биде атрактивен за младата генерација, бидејќи без неа процесот е беспредметен и бесцелен. Младите мора да се вклучат што помасовно, но со јасна цел и со длабока трага. Ако тие ја разберат намерата и ја прифатат целта, целта е остварлива. Во спротивно, бадијала си го губиме времето. Не можете да почнете трка што нема дефинирано цел, не можете да трчате бесцелно колку и да сте љубител на спортот, едноставно физички не можете да издржите, а биолошки е невозможно.

Одвојувањето на Македонија од Албанија во пристапниот процес е непостоечка дилема. Ние сме две пријателски, но посебни, самостојни, суверени, територијално делинеирани држави со свои специфики од секој аспект. Имаме иста стратешка цел, членки сме во НАТО и сакаме да бидеме членки во ЕУ. Ние сме далеку подолго и понапред во процесот и требаше одамна да ги почнеме преговорите, доколку се работеше за техничка одлука. Но, одлуката е политичка и затоа одвојувањето кон крајот на 2023 година би имало непријатни политички последици за нас, но и за ЕУ и за регионот. Преговорите, поради политичките констелации, ги започнавме заедно, но потоа секоја земја во преговорите и во реформите ќе си се движи одвоено, според своите способности и капацитети. Да се потсетиме: 2024 е изборна година, и за нас и за ЕУ.

Мора да се обидеме товарите од минатото да ги симнеме од нашите плеќи, за да може да чекориме понатаму. Жртви дадовме, ќе дадеме и ќе даваме. Тоа е „крстот“ што го носат „малите“ држави. Колку и да сакаме да бидеме големи, според сите параметри ние сме мала држава. Жртвите и компромисите се составен дел на животните и политичките одлуки кои ќе мора да ги носиме секојдневно. Дали тие ќе бидат исправни и одржливи, останува да видиме. На раскрсница сме, ни требаат исправни одлуки, заради младите и нивната доверба во нашата европска приказна.

Авторот е државен советник за европски политики

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот