Волтер и Твитер

Денес не мора да бидете Волтер и да го браните правото на Трамп да објавува на Твитер. Тој ќе го каже своето, без разлика и на забраните и на правото

Јас не се согласувам со ниеден збор што си го рекол, ама до смрт ќе го бранам твоето право да го изговориш. Нејасно е што значат, ако сѐ уште нешто воопшто значат, овие зборови во просветителското мото на Волтер, 250 години по неговата смрт. Да беше жив, големиот филозоф и писател денес ќе имаше можност да се докаже на дело. Твитер не се сложува со ниеден збор што го кажува Трамп, ама технолошкиот гигант не е решен до смрт да го брани, туку да му го забрани правото да го изговори. И – доживотно му го избриша профилот. Со образложение дека сака да го спречи да поттикнува насилство и понатаму.

Големиот борец за толеранција и за слобода на изразувањето (Волтер, не Твитер) редовно бил во судир со тие што биле на позиција од која можеле да кажат што смее да биде објавено. Делото „Филозофски писма“, отпечатено без дозвола од кралскиот цензор, било јавно запалено и забрането, а авторот принуден да ја напушти Франција. Волтер е познат по многу остроумни мисли („Ниедна снегулка во лавината не се чувствува одговорна“), но нема сведоштва дека го применил својот бескомпромисен став во врска со потези на некој тогашен „твитер“.

Денес никој не е решен да го брани правото на Трамп да објавува. Не само оние што секојдневно поднесуваат оставки, што „сега кажуваат“ и се оградуваат од него, туку ни оние што се согласуваат со секој негов збор и што го бранат и буквално до смрт. Но, има разлика: нема ни потреба од тоа! Зашто, досегашниот и се уште важечки претседател на најдемократската држава во светот ги нема проблемите на Волтер. Иако со секој напишан твит докажува дека не е толерантен, за паметен и да не зборуваме, како него. Или, можеби, токму поради тоа.

Трамп веднаш по забраната порача: „Нема да не замолчите!“ Не мора да се согласувате со ниеден збор што го кажал, ама со овие – мора, сакале не сакале! Не му треба некој си Волтер за да му го брани правото да зборува. Трамп ќе го каже своето, без разлика на правото. Неговата порака значи дека ќе најде или, уште поверојатно, дека ќе направи свој медиум. Тоа е цивилизациската придобивка – трагична или не – од технолошкиот развој. Во мрежата што ќе ја сплете сигурно дека ќе продолжи да поттикнува „патриотизам“ кај своите 88,7 милиони следбеници. Така ниедна од тие бели „снегулки“ нема да се чувствува одговорна за лавината што однесе црни животи и што го демолира Капитол хил. И Волтер можел да каже дека нема да го замолчат, ама не поради тоа што ќе направи своја издавачка куќа – како денешните писатели – за да поттикнува толеранција кај неговите читатели. Цензорите ја покривале целата држава.

За жал – или за среќа? – во оваа мрежа што го покрива светот има дупки низ кои се провлекуваат други диктатори. Нашиот, на пример, кој многу порано од Трамп организираше насилен упад во Собранието, нема проблем со цензура. Напротив, сега работи како дописник од Будимпешта за солиден хонорар, што им го плаќа на многу медиуми (уште еден доказ дека сѐ е сменето). Можеби Твитер не се согласува со секој збор што ќе го каже, ама изгледа дека е решен до смрт (наша, се разбира) да му го брани правото да поттикнува насилство кај неговите поддржувачи во Македонија.

Дали на тоа што Твитер „ја откри Америка“ со бришење на налозите на деспотите треба да се гледа како на лош или како на добар знак? Во одговорот треба да се има предвид фактот дека на другиот крај од тешко спроведливата идеалистичка утопија на Волтер нѐ чека лесно применливата и толку пати спроведена дистопија на Орвел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот