Во очекување на подобра 2021

Даниела Арсовска. / Фото: Архива на Слободен печат

Економските последици, иако се тешки на краток рок, можат да се превенираат доколку Владата донесе квалитетни системски мерки и со агресивна економска политика ја одржи ликвидноста на фирмите.

Деновиве најчесто прашање во јавноста е како и кога ќе се заздрави од ковид-19 кризата. Прашањето е легитимно, не само поради тоа што ги гледаме последиците од оваа опасност по здравјето на луѓето, туку и затоа што вирусот ја напаѓа и економијата.

Во САД се проценува дека за само една недела се отпуштени од работа 3,3 милиони вработени поради превентивните мерките кои се преземаат за да се спречи ширење на новиот вирус. Европските лидери оценуваат дека коронавирусот ќе предизвика посериозни проблеми отколку финансиската криза во 2008 година, кога без работа останаа повеќе од 22 милиони луѓе во светот. ООН оценува дека бројот работни места кои ќе бидат загрозени од кризата предизвика од ковид-19 ќе достигне повеќе од 25 милиони.

Нашата економија е мала и врз неа брзо се рефлектираше негативното влијание на ковид-19 кризата. Вонредната состојба, мерките за самоизолација и карантин, ограничувањата за движење и патување, предизвикуваат голем пад на потрошувачката. Падот е евидентен и во приходите од деловното работење, а во најдобро сценарио така ќе ја поминеме првата половина на 2020, очекувајќи да почне стабилизација во втората половина. Граѓаните остануваат дома, деловните субјекти ги губат приходите и ги отпуштаат работниците, а нивото на невработеност нагло расте. Инвестициите очекувано се намалуваат, а во моментов проекциите за бруто домашниот производ гравитираат околу нулата, со што кризата ни изеде неколку процентни поени раст.

Моментните проценки се дека пандемијата во Европа ќе го достигне својот врв во мај, по што во јуни опасноста од вирусот ќе се намали и економијата ќе започне да закрепнува. Економските последици, иако се тешки на краток рок, можат да се превенираат доколку Владата донесе квалитетни системски мерки и со агресивна економска политика ја одржи ликвидноста на фирмите. Доколку се донесат мерките за поддршка, како исплата на платите на работниците и се стимулира економијата за да не згасне стопанството, ќе се помогне да се постигне побрзо закрепнување.

Владата, во соработка со Народната банка и комерцијалните банки, потребно е да дејствуваат заедно за да се обезбеди еден сеопфатен пакет, кој ќе има инстант-ефект на помош за реалниот сектор да опстои, а во исто време да се смири вознемиреноста која се чувствува меѓу граѓаните.

На почетокот на 2020 година имавме други очекувања и предизвици, како предвремени парламентарни избори, а сега веќе гледаме кон 2021 година со нетрпение оваа година да заврши. Нашата економија не се движеше со посакуван раст и пред ковид-19 кризата. Сега очекувано е растот на БДП да се движи од 1 отсто во позитивно сценарио, до негативен економски раст во понеповолно сценарио. Затоа и се апелираше на навремено и агресивно дејствување од страна на креаторите на политиките. Според анализите на епидемиолозите, опасноста од новиот вирус ќе заврши на крајот на вториот квартал од 2020 година и затоа Владата мора итно и неодложно да ги донесе мерките предложени од реалниот сектор за одржување на стопанството и задржување на работните места, а со добро управување да издржи финансирање во следните три месеци. По пребродување на кризата, нема да постои друга траекторија на движење освен нагоре.

(Авторот е претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот