Во Македонија и во 21 век има машки и женски професии – Газди, и мажите знаат да чистат

Македонското општество е сè уште општество со кое управуваат и во кое доминираат мажите. Тоа е видливо и се чувствува на сите нивоа и во сите сфери. Иако законската рамка е генерално добра, а Македонија е потписничка на бројни меѓународни документи и декларации за родова еднаквост, сепак, ситуацијата на терен, односно во секојдневниот живот, е поразлична и жените сè уште се соочуваат со бројни видливи и невидливи пречки. Има безброј примери за присутноста на родовата нееднаквост, дискриминацијата заснована врз основа на пол и род, родовата стереотипизација на улогата на жената и на мажот во општеството и во семејството, непријателскиот однос кон жените (мизогинијата), родово базираното насилство.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права велат дека огласите за вработување се најчест пример за полова и родова дискриминација, кога има експлицитно барање за вработување на маж или жена. Се бараат на пример чистачки или негувателки, што значи дека се бараат жени затоа што тие се оние што чистат и чуваат. Еден хотел барал жена за работа во кујна, која требало да биде на одредена возраст и да е мажена, со објаснување дека помладите жени кои не се мажени, излегувале до доцна и не можат да стигнат на работа.

– Комисијата за дискриминација брзо ги санкционира ваквите огласи за вработување, но работодавецот иако го менува огласот, на крај сепак вработува профил каков што планирал – вели Игор Јадровски, правен советник во Хелсиншкиот комитет.

Како пример за кој исто така се реагирало е тоа што на жените кои се на трудничко не им се исплаќало К 15, со објаснување дека не биле шест месеци активни на работа.

– Условот за исплаќање на К 15 е шест месеци вработената да биде вработена кај ист работодавец. Работодавците го толкуваа тоа дека шест месеци треба активно да се работи. Иницираме постапка кај комисија за автентично толкување на колективниот договор, и тоа покажа дека треба да се исплаќа трудничко, по што проблемот се надмина и веќе нема вакви поплаки – вели Јадровски.

Минатата година во Хелсиншки комитет се пријавени 22 случаи на дискриминација, од кои девет се поврзани и со полова дискриминација.

На прсти се бројат жените градоначалнички и министерки

Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар како пример на родова дискриминација го посочува тоа што бројот на жените вклучени во власта, на локално и на национални ниво, е многу мал.

Во телевизиската индустрија во Македонија, соодносот меѓу вработените мажи и жени континуирано покажува доминација на мажите, без разлика на тоа колку се зголемува бројот на работниците во овој сектор. Во 2012 година имало 688 жени наспроти 1076 мажи; во 2013 година – 754 жени и 1187 мажи; во 2014 година 822 жени и 1347 мажи; во 2015 година соодносот е 926 жени и 1635 мажи; а во 2016 година – имало 956 жени и 1548 мажи. Мажите се значително позастапени во сопственоста и во управувачкиот кадар, а сè поприсутни се и на уредничко ниво. Жените ги има повеќе меѓу новинар(к)ите, во маркетингот и кај преостанатите вработени, додека се далеку помалку застапени кај техничкиот и реализаторскиот кадар.

Жртвите не пријавуваат дискриминација, не им веруваат на институциите

Жртвите на дискриминација генерално ретко пријавуваат дека се дискриминирани во надлежните институции. Причините за тоа се многу, но предничат недовербата во институциите, стравот од виктимизација (повторно искусување на дискриминација или насилство поради пријавата) и срамот дека ќе бидат обележани од околината како некои кои самите го предизвикале тој акт. Жените се уште помалку мотивирани да пријавуваат дискриминација затоа што родовата нееднаквост веќе ја доживуваат како факт и норма, а не дискриминација или нееднаков третман. Надлежните институции често се неажурни и непрофесионални со системската заштита од дискриминација врз жени.

За да се подобрат состојбите, Ирена Цветковиќ, извршна директорка на коaлицијата „Маргини“, вели дека потребна е пред сè политичка волја за зацврстување на системот за заштита од дискриминација, но и активирање на родовата машинерија со полн капацитет. Во нашата држава, законите и политиките најчесто се добри, но секогаш заостануваме со имплементација.

–  Сметам дека е навистина попусто или бадијала да имаме добри политики и закони кои ќе ги оставиме да живеат единствено на страниците на Службениот весник во кој се објавени. Заштитата од дискриминација мора да биде врвен политички приоритет, а за тоа редовно нè потсетува Европската комисија во извештаите за напредок – посочува Цветковиќ.

Koмисијата за заштита од дискриминација ја има само колку да се рече

За почитување на правото на еднаквост по која било основа, надлежна е да се грижи Комисијата за заштита од дискриминација која почна со работа како самостојно и независно правно лице на 1 јануари 2011 година. Меѓутоа,за жал, на национално ниво не е воспоставен единствен и централен систем на собирање, евидентирање и анализирање на податоци на дискриминација и правна заштита од дискриминација, со кој ќе се обезбеди формирање на еден вид база на податоци потребни за континуирано следење на дискриминацијата.

„Сепак, и покрај нашата работа во последните седум години, како и работата на другите надлежни институции, според резултатите од спроведени анализи и истражувања, како и нашите извори на податоци, во текот на 2017 година, во општеството на нашата држава сѐ уште е актуелно мислењето и перцепцијата на граѓаните за постоењето на дискриминацијата и кршењето на човековите права“, се вели во извештајот на Комисијата за 2017 година, кој не може да се пронајде на нивната интернет-страница, бидејќи таа не функционира.

Комисијата и оваа година се соочи со проблемот на недостаток од финансии што може да влијае на ефикасното извршување на работите од нејзина надлежност.

„Покрај тоа, еден од проблемите е и недостатокот на стручна служба на Комисијата. Овие прашања сè уште остануваат предизвик за Комисијата за следниот период на нејзиното дејствување. Комисијата во 2017 година се соочи со многубројни проблеми и препреки во работата на Комисијата, од типот на непостоењето на финансиско одделение на Комисијата, недостаток на стручни лица, односно информатичари за ефикасно водење и ажурирање на веб- страницата на Комисијата, како и проблеми со навремено и ефикасно испраќање и примање на пошта, проблеми што се јавуваат во однос на одржувањето на постоечкиот софтвер за податоци на КЗД, итн. Независно од наведените проблеми, експертноста на членовите на Комисијата и стручните лица прераспределени од други институции, односно ангажирани лица, придонесе кон ефикасно и ефективно работење на Комисијата“, се посочува во извештајот на Комисијата.

Од Хелсиншкиот комитет велат дека кај нас државата многу малку работи на разбивање на родовите спереотипи, а очекуваат со последните измени на Законот за заштита од дискриминација да се подобри ситуацијата.

– Добиваме постручна комисија, комисионерите ќе имаат искуство во областа на дискриминација и заштита на човекови права. Комисијата ќе има финансиска независнот и административна служба, ќе може да дава општи препораки, односно ќе може сама да реагира, а и здруженијата на граѓани ќе имаат пошироки можности за поднесување претставки. Се воведуваат иновативни постапки за докажување, како тестирање на ситуација, ќе може здруженијата да поднесуваат тужба од јавен интерес,  ќе може да се иницира судска постапка без плаќање на судски трошоци. Сите овие работи треба да гарантираат дека ќе имаме подбра заштита од дискриминација – вели Јадровски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот