Во Либан воведен карантин во 111 градови и села
Во Либан е воведен карантин во 111 градови и села низ целата земја, со цел да се спречи ширењето на коронавирусот.
Министерот за внатрешни работи во заминување Мухамед Фахми објави дека мерката ќе стапи на сила во недела наутро и ќе важи до 12 октомври, пренесува Ал Џезира.
Во Либан, кој има околу пет милиони жители, повеќе од 40.000 случаи на коронавирус се потврдени од почетокот на пандемијата, а 374 луѓе починаа.
Светската здравствена организација оваа недела соопшти дека пополнетоста на одделенијата за интензивна нега достигна 84 проценти.
Сите собири ќе бидат откажани, а Министерството за внатрешни работи ќе соработува со локалните верски службеници за затворање на светилиштата.
Бројот на заразени нагло се зголеми по експлозијата во пристаништето во Бејрут на 4 август, при што загинаа 195 лица, а околу 6.000 беа повредени.