Во јули, август и септември од патарините биле прибрани рекордни 13,7 милиони евра

фото: Слободен печат/ Д. Митрески

Јавното претпријатие за државни патишта годинава ќе ја заврши со рекорден приход прибран од патарините. Во периодот јули – септември 2019 година од овој надоместок се инкасирани 13,7 милиони евра во буџетот на ова претпријатие, што е за 3,9 отсто повеќе во однос на истиот период од минатата година.

За првите девет месеци од годинава, македонските патарини донеле вкупен приход во висина од 31,9 милиони евра. Во сите три квартални извештаи е забележан пораст кај овој надоместок, со што годинава ќе се оствари најдобар резултат во работењето од почетокот на постоењето на патарините во земјава.

Од ЈП за државни патишта за „Мета.мк“ посочуваат дека се задоволни и од досегашната имплементација на електронскиот систем за наплата на патарина. Заклучно со 1 декември, продадени се вкупно 12.812 електронски уреди, и тоа 4.463 М – таг и 8.349 М – кард уреди.

Приходот од надополнувањето на електронските уреди изнесува речиси 1,4 милиони евра за периодот од јули до декември годинава. Од продажба на електронските картички и тагови за патарина се прибрани 100.000 евра во изминатиов период.

Системот за електронска наплата на патарините започна со работа на 3 јули годинава на Коридорот 10. ЈП за државни патишта обезбеди средства преку кредитот од ЕБОР за воведување на електронската наплата на патарина и на автопатот долж Коридор 8, којшто ќе се имплементира догодина.

На крајот од август беше пуштена во употреба новата наплатна станица кај Гевгелија на Коридорот 10. Покрај за електронската наплата, со подигнатиот кредит вреден 13,7 милиони евра во претстојниот период ќе се градат и три нови патарини на автопатите Миладиновци – Штип (наплатни станици „Кадрифаково“ и „Преод“) и на Кичево – Охрид (наплатна станица „Арбиново“).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот