Во Битола одбележани 22 години од загинувањето на бранителите кај Вејце

Фото: Васка М.Младеновска

Со полагање букети цвеќе пред споменикот „Ангел“ кај градскиот часовник во Битола и спомен обележјето пред СВР Битола, денеска беа одбележани 22 години од загинувањето на четворицата битолски бранители во масакрот кај Вејце.

На комеморацијата покрај членовите на семејствата на загинатите бранители, присуствуваа и голем број припадници на Министерството за внатрешни работи, граѓани на Битола и учесници во конфликтот во 2001 година.

Искажувајќи сочувство до семејствата на загинатите бранители, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски рече:

-Тука сме да го зачуваме споменот за овие македонски херои и да оддадеме почит и да укажеме она што во историјата останало зад нас да го запомниме и да не го заборавиме. Иако болката за загинатите бранители е голема, сепак животот продолжува, заедно и здружено во Битола, со споменот нивни да продолжиме да го градиме ова општество во кое заедно треба да живееме-рече градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Фото: Васка М.Младеновска

Еден од учесниците во конфликтот во 2001 година, од неодамна пензиониран полицаец Сашо Гилевски на одбележувањето на годишнината на загинатите бранители истакна:

-Овие битолчани загинаа за да го заштитат суверенитетот и интегритетот на Македонија. Ние бевме подготвени да загинеме за татковината. За среќа наша останавме живи, меѓутоа нас бранителите не „закопуваат“ секој ден.Нашите деца, нашите сопруги, нашите семејства што останавме живи за жал сè уште патат во оваа држава и сè уште се без работа, талкаат по улици. Историјата е огледало за иднината. Тие коишто не ја ценат 2001 година, затоа ова ни се случува ова и во институциите и во државата-рече на одбележувањето Сашо Гилевски.

Во конфликтот кај Вејце загинаа битолчаните: Маријан Божиновски, Илче Стојановски, Кире Костадиновски и Бошко Најдовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот