Вмровки мои драги, покороте им се на своите мажи

Фото: Слободен печат

Радовиш е во редот на помалите градови во Македонија, но тоа не значи дека е небитен. Напротив, тоа е еден преубав град, кој од утре ќе стане веројатно и најбитниот религиозен центар во модерната македонска историја.

Токму во Радовиш се одвиваат завршните подготовки за предавањето, за кое историчарите од иднината сложно ќе оценат дека е од огромно значење, на тема: „Однесувањето на жената во црква“.

Можеби не толку интересно, но сепак битно за напомена, е што ова предавање на почитуваниот теолог и ѓакон Костадин Донев го организира општинската организација на Унијата на жени на ВМРО-ДМПНЕ, нашата најголема опозициска партија.

Веднаш да прецизирам дека не сум запознает со учењето на ѓаконот Донев, кој ќе им објаснува на почитуваните вмроовки како да се однесуваат во црква. Претпоставувам дека еден црковен клерик своето учење го темели на Библијата и традицијата, па токму затоа се осмелив ден претходно на вмроовките што нема да бидат во можност да се најдат во просториите на градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Радовиш, да им одржам еден забрзан курс за тоа како да се однесуваат, не само во црква, туку воопшто во животот.

Ќе почнеме од тоа како во Библијата се гледа на бракот: Во Библијата е запишано создавањето на бракот во Битие 2:23-34: “А човекот рече: „Еве сега коска од моите коски, и плот од мојата плот. Нека ѝ биде името жена, зашто е земена од мажот!” Затоа ќе го остави човекот таткото свој и мајката своја и ќе се прилепи кон жената своја; и обата ќе бидат едно тело.“ Бог го создаде човекот, а потоа ја створи и жената да го надополни. Во Библијата бракот е Божјото “исправување“ за фактот дека “не е добро за човекот да биде сам“ (Битие 2:18).

Значи, почитувани мои вмроовки, жените се коски на коските од мажот и плот (ова не го разбирам) или можеби пот. А името на жената е жена, бидејќи е земена од мажот (ова веројатно има смисла на староарамејски јазик).

Сепак, веќе во следниот издвоен пасус од „светото писмо“ на христијаните, се дознава многу повеќе за самата улога на жената.

– Бог ја создаде Ева покрај Адам како негова “втора половина“ да му биде негова потпора и негов помошник. Па така, тие веќе не се двајца, туку едно тело. А Бог што составил, човек да не разделува (Матеј 19:6).

Значи жените се „помошнички“, односно ако вмроовецот е премиер, министер или директор на, да речеме, јавно претпријатие, тогаш вмроовката е негов помошник, на пример секретарка.

На крајот сè е добро објаснето во Ефесјаните – „Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како на Господа, зашто мажот е глава на жената, како што е Христос глава на Црквата, и Тој е Спасител на телото“ (Ефесјаните 5:22-23).

Сè е јасно тука. Мажот е главата на жената, како што Христос е глава на црквата. Од ова може да се протолкува дека жената во црквата треба да се однесува како што ќе ѝ каже мажот или во конкретниот случај ѓаконот Донев.

На интернет најдов и сериозно научно проучување на Библијата, каде некој многу попаметен од мене напишал за тоа дека улогата на жената во светите списи е генерално потчинета. Се наведува примерот со „гревот на Ева“, која како прва жена воопшто го навлекла бесот на Јехова, бидејќи го гризнала јаболкото.

– Длабоко ќе копнееш по својот маж, а тој ќе владее над тебе – ѝ рекол Семоќниот на Ева, протерувајќи ја заедно со Адам од „рајската градина“.

Тука можеби и лежи одговорот за мотивот на радовишките вмроовки, да го организираат овој настан? Можеби под геслото однесување на жените во црквата, се кријат упатствата како да се однесуваат жените во партијата? Во ВМРО-ДПМНЕ.

Цели 11 години Никола Груевски се потпираше на две жени-министерки. Елизабета Канческа-Милевска и Гордана Јанкулоска. Првата го предводеше кружокот од осум „освестени“ членови на партијата, кои поддржувајќи го „Преспанскиот договор“, добија амнестија за кривичните дела и неколку тендери. А втората, како правосилно осуден криминалец неколку пати јавно го прогласи Груевски за предавник.

На ВМРО-ДПМНЕ очигледно не му се потребни вакви вмроовки во иднина, туку „помошнички“ кои ќе копнеат по своите мажи. Ова предавање веројатно претставува некаков „автостоперски“ прирачник за жените во партијата, а во исто време ќе важи и за во црква?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот