Влатко Стефановски доби „Порин“ за животно дело во Сплит, публиката го поздрави со овации
Македонскиот гитарски виртуоз Влатко Стефановски деновиве ја доби престижната награда „Порин“ за животно дело, на свечена церемонија во Сплит, со што уште еднаш беше потврден неговиот исклучителен придонес во музиката и влијанието што со децении го има врз регионалната и светската сцена.
Препорачано
Наградата му беше врачена за време на негов концерт во Концертната сала „Иво Тијардовиќ“, кој беше целосно распродаден. Публиката го испрати со долги овации, а атмосферата беше исполнета со исклучителна почит кон неговото творештво.
Со признанието „Порин“ за посебни заслуги, организаторите му оддадоа чест за неговата богата кариера, бројните албуми, концертни турнеи и соработки што оставија траен белег на музичката сцена во регионот.

Свечената вечер во Сплит ја одбележа и присуството на познати имиња од музичкиот и јавниот живот, меѓу кои и хрватскиот музичар Златан Стипишиќ – Џибони, долгогодишен пријател и соработник на Стефановски, како и текстописецот Вјекослава Хуљиќ.
Наградата доаѓа како заокружување на повеќедецениска кариера исполнета со иновации, виртуозност и автентичен музички израз, поради што Стефановски важи за еден од најзначајните гитаристи од овие простори.
Во претходни изјави, Стефановски нагласува дека не планира да форсира нови проекти, туку да работи исклучиво на она што природно ќе дојде.
„Најважно е да се остане жив и здрав. Не сакам ништо да правам на сила – она што ќе дојде, ќе го работам со луѓе со кои делам ист сензибилитет“, истакна тој.


