Влакнест јазик, посторгазмична болест… Фасцинантни медицински случаи од 2022 година

Фото: Профимедиа

Клиничарите објавуваат извештаи во научни списанија за невообичаени или ретки случаи кои ги снашле пациентите. Неретко станува збор за неочекувани симптоми, ретки нуспојави или иновативни пристапи за лекување. Така оваа година беа објавени неколку приказни кои се прилично неверојатни.

Човек се предозирал со витамин Д откако земал 80 пати поголема количина од препорачаната

Во списанието „БМЈ кејс репортс“ во јули оваа година беше објавена студија на случај на средовечен маж кој бил хоспитализиран поради дијареја (пролив), слабеење и зуење во ушите (тинитус) откако еден месец земал 80 пати поголема количина на витамин Д од препорачаната.

Витаминот Д е важен за здравјето на коските и природно се добива од сончевата светлина и од храна како што се печурките и мрсната риба. Ако се зема во големи количини, како додаток во исхраната, може да биде токсичен за органите, вклучувајќи ги бубрезите, цревата и срцето.

Тестовите на крвта покажале дека нивото на витамин Д кај тој човек било седум пати поголемо од препорачаното, како и дека нивото на калциум е опасно високо, а неговите бубрези се во опасност од оштетување. Имено, витаминот Д ја регулира количината на калциум во телото, па предозирањето може да предизвика високи нивоа на калциум, што може да се манифестира со симптоми како сонливост, психоза и кома.

Иако земањето на препорачаната доза на витамин Д е сигурно, експертите по овој случај ги поттикнуваат сите да разговараат со својот лекар пред да почнат да земаат какви било додатоци во исхраната.

Маж развил редок синдром на посторгазмична болест

Студијата на случајот објавена во медицинското списание „Извештаи за случај на урологија“ во ноември опишува 27-годишен маж кој престанал да има сексуални односи затоа што доживувал симптоми слични на грип секој пат кога ејакулирал. Неименуваниот маж од Мичиген страдал од кашлање, течење на носот, кивање и осип по секоја ејакулација.

Лекарите веруваат дека тоа е синдром на посторгазмична болест, кој предизвикува симптоми слични на грип и алергии откако личноста ќе доживее оргазам. Симптомите може да траат до една недела.

Според извештајот, причината е непозната, а оваа состојба погодила најмалку 60 луѓе во последните 20 години. Не постојат докажани третмани, но во извештајот се вели дека антихистаминот под назив фексофенадин довел до 90 отсто намалување на симптомите на пациентот.

Човек ја променил исхраната, па јазикот му поцрнел и му станал влакнест

Извештајот објавен во „JAMA дерматологија“ во март 2022 година опишува маж во 50-ти години кој развил црн, влакнест јазик откако поради мозочниот удар бил принуден да јаде пасирана храна.

Дерматолозите напишале дека оваа појава е почеста кај луѓето кои јадат храна во облик на пире. Тоа настанува поради недостаток на абразија или стимулација на врвот на јазикот, што доведува до таложење на протеинот наречен кератин. Како резултат на тоа, конусните испакнатини кои го покриваат јазикот наречени филиформни папили стануваат долги и добиваат изглед на влакно.

Лицето може да добие и влакнест јазик затоа што има лоша орална хигиена, пуши цигари, користи оксидирачки течности за плакнење на устата или орални антибиотици, пие прекумерни количини кафе или чај или боледува од состојби како што се ХИВ или рак.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот