Владaта даде негативно мислење за законот за една изборна единица

Влада зграда
Фото: Архива на „Слободен печат“

Паднаа во вода надежите на помалите партии дека наскоро во Македонија избори, наместо во шест, ќе има во една изборна единица. Владата даде негативно мислење за Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик поднесен од: пратениците на ЛДП, Моника Зајкова и Боби Мојсоски, на ДС, Павле Трајанов, ДОМ, Маја Морачанин и Мирослав Богдановски, на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, на ВМРО-НП, Љупчо Балкоски и на пратеникот од Коалицијата предводена од СДСМ, Панчо Минов.

Во него пишува дека во рамките на Министерството за правда веќе е формирана интердисциплинарна работна група составена од релевантни државни органи, претставници на науката, на ДИК, ДКСК, ДЗР, АВМУ, бројни претставници на НВО и претставници на неколку парламентарни политички партии која работи врз изработката на целосно нов Изборен законик.

Според текстот на мислењето доставено и потпишано од вицепремиерот Артан Груби, работата на работната група е поддржана и постојано набљудувана од страна на меѓународните организации кои активно го следат изборниот процес во државата изминатите дваесетина години (ИФЕС, ОБСЕ/ОДИХР, НДИ, ЕУ).

– Како процесот на усвојување на Изборниот законик, неминовно ја наметнува потребата од консензус на сите политички партии, по дефинирање на решенијата по однос на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, планирана е поширока дебата на работната група со исти парламентарни политички партии, на која ќе се разгледа и предлогот за промена на изборниот модел, пишува во мислењето на Владата за Предлог-законот за една изборна едница.

Поради сето ова, Владата не дава позитивно мислење за предложениот текст на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик поднесен од група пратеници и му предлага на Собранието да не го донесе законот.

– Истовремено, Владата смета дека е упатно доставениот предлог да биде разгледан од работната група за изработка на Изборниот законик, со цел истиот да биде предмет на поширока дискусија помеѓу струката и политиката, а конечниот предлог за измени на Изборниот законик, да биде резултат на сеопфатен инклузивен и консултативен процес, со цел гарантирање на правната сигурност, стои во мислењето.

Помалите партии предлагаат целата државна територија да се облекувала во една изборна единица со отсуство на изборен праг.

– Со тоа ќе им се овозможи и на помалите политички партии, како и на партиите на помалите етнички заедници, да го остварат своето право на претставување. Во актуелната поставеност на системот, нивните гласови се поделени во шест изборни единици и во ниту една од нив, тие не успеваат да соберат доволно за да добијат пратеник, пишува во Предлог-законот за една изборна единица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот