Влада за една година

Петар Богојески/ Фото Слободен печат

На Македонија ѝ е потребна стабилна влада за една година, по примерот на германската на канцеларката Меркел. Да ги завршиме големите проекти, под итно да го смениме изборниот модел и конечно да ја стабилизираме државата. За една година можеме да ги истрпиме СДСМ и ДПМНЕ заедно.

Сите заслепени за пуста власт, кој ќе прави влада, кој ќе лапа привилегии и кеш, заборавија на основното – владата е совет на народни слуги, а премиерот е прв слуга. Владата треба да управува, а не да владее со граѓаните. Нам ни треба најдобриот слуга, а не Албанец или Еским за премиер. Да одиме со ред.
Следниве месеци не очекува тешка економска криза, проследена со пролонгирана здравствена. И, сега, ќе создаваме влада која треба да се носи со тоа бреме или ќе задоволуваме партиски или лични хирови на Петко или Трајко? Има ли некој кој размислува за државните интереси на оваа жална политичка сцена во Македонија? Нам ни треба стабилна влада или владиЧЕ, што ќе прави повеќе проблеми отколку што ќе ги решава. Ние имавме нелегитимни избори. Не гласаа граѓаните, туку партиите. Тие се договорија за изборниот резултат и со тоа ја фрлија земјата во подлабока политичка криза. Е, па, господа од партиите, што си дробевте, тоа ќе сркате!
Факт е дека две политички партии имаат најголем број пратеници – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со или без нивните коалиции. Ако сакаме стабилна влада, која наесен ќе влезе гради в гради со кризната состојба, тогаш треба да ги најдеме најдобрите економски и здравствени тимови во двете партии и од нив да формираме министерски состав. Не е битно дали ќе бидат Македонци, Албанци или Ескими, битно е да се стручни и компетентни во областа, да се носат со предизвикот.

Нови избори

Таа влада доволно е да функционира една година, да ги подготви следните локални избори, паралелно со нив треба да се организираат нови парламентарни избори. Дотогаш ќе се стабилизира внатрешната криза, ќе почнеме преговори со ЕУ, ќе се релаксира партискиот антагонизам, ќе може да направиме легитимни избори, на кои конечно ќе гласаат граѓаните.

За да дојдеме до такви избори, предуслов е попис на населението и промена на изборниот модел. Пописот ќе констатира дека нема никакво оправдување да продолжиме со шест изборни единици, особено не со „спонтано“ прекројување на границите на изборните единици по желба на ДУИ, а аминувано од ДПМНЕ и СДСМ. Тоа е една од причините за овој дополнителен хаос на политичката сцена, ама никој од партискиве патриоти не сакаат да погледнат, што аминувале нивните шефови.
Кога зборувам за попис на населението, мислам дека не смее било кое граѓанско право да зависи од бројот на граѓани во државата. Правата на Албанците не треба да зависат од тоа колку ги има, па да се убијат во фалсификување на пописот за да докажат не само дека се 20 отсто, туку и дека пораснал тој процент. Смешки! Правата на сите, па и на Албанците, треба да ги гарантира новиот граѓански Устав на Републиката, во која сме сите ние прво граѓани, па сѐ друго. Ова може да го спроведе влада на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ доколку, се разбира, имаат грам државнички капацитет во себе.

Унитарноста на државата е нарушена од концептот на функционирање на етнички политички партии. Мора секоја партија да го одразува мултиетничкиот карактер на земјата, да им се обраќа на сите граѓани, ако сака да се пререгистрира или да се регистрира нова партија. Уставот ќе познава само граѓански партии. Јас разговарав со многу Албанци пред изборите во 2020 година и побарав од нив да се вклучат во Македонски концепт. Тие се изјаснија дека сакаат на овие избори „албанска пресметка“ со командантот, да го симнат од тронот на македонските Албанци, тоа да биде чисто албанска акција без наша помош, зашто ако го поразеле со наша поддршка, ќе кажел дека предавници шиптари поврзани со каури, го поразиле. Им кажав дека тоа е фатаморгана, создадена токму од командантот, дека тоа никогаш нема да го порази и дека цело време трчаат на бојно поле кое тој им го креира. Не слушаа! Се покажа точно.

Време е дел од албанските партии во Македонија конечно да го напуштат сонот за бинационална држава, за албанска пресметка, а да прифатат граѓански карактер. Демократијата во Македонија може да се развива без етнички партии. Така вистински ќе живееме во фер општество, во држава на сите нас.

Во овој момент имаме дежа ву. После изборите сите заборавија на изборни ветувања, сите се оддадоа на пазар. Се е на продажба, мандати, кариери, партии… па и државата. Е тука веќе имаме проблем. Дечкиве што сакаат да ја продадат државата само и само да се залепат до некоја фотелја не ќе може да поминат толку лесно. Затоа ние, за време на изборите, како папагали повторуваме дека треба по избори да се воведе ново кривично дело – лажно политичко ветување, па политичарите што се сега главни пазарџии, ќе беа веќе „хоспитализирани“. Вака држава не се прави. Со клиентела држава не се прави!

Штетен етнонационализам

Зошто токму од ДУИ да биде Албанец премиер? Па тоа може да биде и од СДСМ, од ВМРО- ДПМНЕ, од Алијанса или од ЛДП или од било која партија. Кој кажа дека таква влада од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ не може да ја предводи граѓанин со албански етнички идентитет? Тој нека биде најдобриот економист, нека придонесе со таа влада да излеземе од кризата, па нека биде Албанец на квадрат.

До кога ќе го трпиме овој етнонационализам во земјава, без разлика од која страна и да доаѓа?
Видовме дека на овие избори успееја да се факторизираат само партии со изразен етнонационалистички вокабулар. Само по себе тоа говори зошто сме сиромашни! Нема развој и бизнис во држава во која 80% од населението поддржува етнонационализам. Или ќе правиме држава или ќе се занимаваме со мистика од расказите. Време е да се определиме.

На Македонија и е потребна стабилна влада за една година, по примерот на германската на канцеларката Меркел. Да ги завршиме големите проекти, под итно да го смениме изборниот модел и конечно да ја стабилизираме државата. За една година можеме да ги истрпиме СДСМ и ДПМНЕ заедно. И онака ги трпиме 30 години заедно. Следните избори, повеќе разум и давање глас. Ама, вие си знаете!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот