ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Проф. Јакимовски: Во вторник на маратон симболично ќе трчаме кон целта – новата зграда на ФИНКИ, ќе протестираме додека не се најде решение

Проф. д-р Боро Јакимовски, декан на ФИНКИ/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство последниве две години се соочува со просторни проблеми и бара од МОН и трајно и привремено решение за недостигот на капацитети. Имено, предвидениот нов објект за ФИНКИ престана да се гради пред неколку години поради стечај на фирмата изведувач АД Бетон – Штип,  а проектот веќе некое време се ревидира од страна на МОН и извесно е само дека ќе ги чека и новата влада и новиот буџет за 2025 година. Студентите и наставничкиот кадар на ФИНКИ минатиот четврток со протест алармираа за проблемот „ФИНКИ нема зграда, учиме пред Влада“.

-Со завршувањето на ковид кризата и со враќањето на студентите назад во клупите со физичко присуство се соочивме со зголемен проблем за обезбедување на просторни услови. Изминатите две години се обидувавме да најдеме финансиски средства за адаптирање на постоечки простор во рамки на Техничкиот кампус, меѓутоа сепак ни е потребен дополнителен простор кој би можеле да го искористиме. Во таа насока пред година дена побаравме да се надмине проблемот со обезбедување на дополнителен слободен простор кој го има државната институција Биро за развој на образованието во рамки на кампусот, но и за тоа немаме се уште решение и поради тоа излеговме на протест. Надежта дека на седницата на Влада кадешто беше ставена како точка на дневен ред, меѓутоа тоа не беше одлучено и ние пристапивме кон мирен протест. Секако ќе продолжиме и натаму со протести додека не се најде решение. Има некои сигнали меѓутоа треба да видиме, вели проф. д-р Боро Јакимовски, декан на ФИНКИ во гостувањето во „Слободен печат“.

Додека протестираат студените и професорите, на само стотина метри подолу во друга прилика се појави министерот за образование Јетон Шаќири и рече дека Бирото за развој на образованието нема намера да се исели од трите бараки од Техничкиот кампус, а како друго привремено решение спомена отстапување на слободни училници на другите Факултети од УКИМ за потребите на ФИНКИ. Моментално наставата се одвива во трите факултети во Техничкиот кампус како и на Педагошкиот факултет кој е во близина.

-БРО како институција може да даде негативното мислење, но сепак сметам дека тука Владата одлучува како ќе располага со имотот и секако треба да направи споредба на потребите на Бирото коешто е многу едноставно да промени локација за вработените коишто ги има отколку да се промени локација на факултетот или студентите коишто се во многу голем број и вработените, над 100 на Факултетот да менуваме локација. За Бирото сега има некои нови можности за сместување што се на повидок и се надевам дека владата ќе донесе позитивна одлука во наша корист, вели проф. Јакимовски.

Протестот останува како опција за колективот и студените од ФИНКИ бидејќи се одлучни во настојувањата да добијат поголем простор за изведување на наставата во рамки на Технолошкиот кампус и најавуваат и нови протести доколку не се најде решение.

-Јас сум многу голем оптимист. Има некои сигнали, некакви поместувања коишто ги толкувам дека ќе бидат во позитивна насока што поскоро барем привремено да најде решение и за нас, а потоа трајното секако. До некаде нашето излегување на протест е да се подигне свеста во иднина што проактивно да се делува кон побрзо надминување на нашиот проблем. Ние имено имавме протест минатиот четврток, за оваа недела решивме да немаме протест бидејќи во вторник ќе имаме маратон по повод роденденот на Факултетот. Имено роденденот е на 30. март. Ние во понеделник ќе ги доделуваме дипломите на дипломираните студенти во минатата година и на 2. април ќе одржиме маратон покрај Вардар со крајна цел завршување пред владата кадешто потоа ќе имаме и мал мирен протест. Целта ќе биде симболично означена како зграда на ФИНКИ, такашто трчаме кон целта, изјави деканот Јакимовски.

Тој очекува идната влада да има повеќе слух за проблемите на компјутерските инженери кои се продуцираат на оваа престижна високообразовна институција и за кои уште во текот на студиите се наоѓа вработување и во приватниот и во јавниот сектор во државата, а барани се и на странскиот пазар на труд. Дури, вели деканот можно е и новиот објект да биде претесен кога е проектиран бројот на запишани студенти на ФИНКИ бил многу помал отколку што има последниве години. Моментално студираат околу 5.000 студенти.

Целиот разговор со проф. д-р Боро Јакимовски, декан на ФИНКИ погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот