ВИДЕО|Брдо-Бриони: Европа во две брзини не е прифатлива, ниту одлагање на пристапувањето во ЕУ поради билатерални спорови

Самит Брдо Бриони во Скопје / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

ЕУ и Западен Балкан треба да бидат подготвени за проширување што е можно поскоро, но не подоцна од 2030 година за да се постигне оваа цел. Притоа, неопходно е интензивирање на стратешкиот дијалог со институциите на ЕУ со цел да се забрза пристапниот процес и да се спречи регионот да биде оставен настрана, пишува во заедничката декларација од денешниот состанок на Процесот Брдо-Бриони што се одржа во Скопје.

Самит Брдо Бриони во Скопје / Фото: ,,Слободен печат” – Драган Митрески

Учесниците на собирот се согласија дека сеопфатни политички, економски реформите се суштински за пристапувањето во ЕУ. Истовремено, се обврзуваат да ги интензивираат напорите за спроведување на реформите на Западен Балкан со цел зајакнување на владеење на правото, функционирање на демократските институции и на јавната администрација.

Регионалната соработка и добрососедските односи се суштински за напредок на европскиот пат, па лидерите ветуваат да ја засилат меѓусебната доверба, разбирање и трајно решавање на билатералните прашања, како меѓусебна солидарност на земјите.

Фото: ,,Слободен печат” – Методиј Здравев

На заедничката прес-конференција на претседателите Стево Пендаровски, Зоран Милановиќ и Наташа Пирц Мусар како копретседавачи на Процесот, хрватскиот претседател рече дека годинава атмосферата на средбата била подобра отколку на претходните две кога немаше ни заедничка декларација и кога според него земјите биле како „раштимани инструменти“. Тој е задоволен и што ова е единствен процес без ментори, промотори и треба да продолжи да функционира.

Што се однесува до отворените билатерални прашања, словенечката претседателка Пирц Мусар рече дека таа не поддржува одложување на пристапувањето поради билатералните спорови.

Фото: ,,Слободен печат” – Методиј Здравев

На прашањето дали затворањето на билатералните прашања е поважно од официјалниот процес таа кажа дека решавањето на билатералните прашања е во интерес на ЕУ и дека влезот е цел на државите на западен Балкан.

– Не сум поборник на тоа заради одолжувањето на билатералните прашања да се одолжува влегувањето во ЕУ. Не се согласувам со ставот на некои држави прво да се склучи договор па да се продолжи со преговорите. Тие процеси треба да се одвиваат истовремено-изјави таа.

Претседателот Пендаровски на прес-конференцијата порача дека европските аспирации се приоритет број еден на земјите од Западен Балкан, а желбата за членство во Европската Унија е присутна кај сите држави кои се дел од Процесот. Но, на сите ни е јасно дека треба да ги постигнеме европските стандарди на добро владеење и функционална пазарна економија, порача тој на заедничката прес-конференција.

– Стабилноста и просперитетот во регионот се меѓузависни. Затоа е повеќе од потребно, отворено да зборуваме за најтешките прашања, да бараме одржливи решенија и да ги затвораме отворените прашања. Исто така, со заеднички напори мора да издејствуваме западниот Балкан да се врати целосно на европската агенда и таму да остане-рече Пендаровски.

Фото: ,,Слободен печат” – Методиј Здравев

На прашањето на „Слободен печат“ дали Хрватска и Словенија се согласуваат со ставот на францускиот претседател Емануел Макрон за Европа во две и повеќе брзини и што значи тоа за Западен Балкан, дали е пристап со помалку права од другите членки и Пирц Мусар и Милановиќ рекоа дека се против таков предлог.

Според Пирц Мусар, добро е државите од Западен Балкан да се приклучуваат кон проекти кои може да се реализираат.

Милановиќ рече дека уште кога студирал пред многу децении во Брисел се зборувало за тоа и како што се изрази сликовито, тој „менувач зарибувал“ и не функционирал, така што и да постои формално таков предлог, според него нема да функционира ни сега. Според негова оценка, ЕУ практично ја исфрлила Велика Британија од членството со барањата за „повеќе Европа“, сметајќи дека „повеќе Европа“ е прифатливо за Балканот, но не и за Лондон. Оваа тенденција според него нема да запре доколку не и се каже крај.

– На Хрватска, на хрватскиот народ, им е добро во ЕУ. Целата приказна има почеток и крај. Хрватска и хрватските граѓани не платија голема цена и не отидоа во војна за да остварат големи интеграциски цели туку за да имаат своја држава. ЕУ е обично средство, а не цел сама по себе. Таа треба да се саморегулира како конзервативен господар, не во политичка смисла туку како некој кој е скептичен и на секој чекор му приоѓа рационално и без детски ентузијазам“, порача Милановиќ.

Фото: ,,Слободен печат” – Методиј Здравев

Пендаровски пак објасни дека се работи за стар предлог од Макрон и дека во Европа долго време има две и повеќе брзини во однос на Шенген зоната и еврозоната. Сепак, рече тоа не е формален предлог.

-Макрон тоа го кажа во говор, и не е формален предлог. Но и кога би бил формален предлог нема да биде прифатен – одговори Пендаровски.

Кога се говори за временската рамка за пристапување ставот на црногорскиот претседател Јаков Милановиќ е дека тоа треба да се случи и порано од 2030 година.

Самит Брдо Бриони во Скопје / Фото: ,,Слободен печат” – Драган Митрески

Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој учествуваше на самитот и истовремено со прес-конференцијата на тројцата копретседавачи имаше посебна изјава за новинарите рече дека на средбата разговарале за европската иднина на регионот, за која едни имаат поголем ентузијазам, а други помал. Според него, денот поминал во конструктивна дискусија и дека во декларацијата стои дека е потребно членство во ЕУ што поскоро, а најдоцна до 2030 година.

„Ова се убави желби, но кој сум јас да го уништам оптимизмот и да им ја намалам амбицијата на некои други. Одлично ако е така, но не сум сигурен“, изјави Вучиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот