ВИДЕО: Тинејџерка од Канада е сензација во Монтреал, стигна и до полуфиналето
Канадската тинејџерка Викторија Мбоко продолжува да го освојува тенискиот свет. Осумнаесетгодишната надеж, со потекло од ДР Конго, го избори своето место меѓу најдобрите четири на престижниот Мастерс во Монтреал, откако со сигурна игра ја елиминираше Шпанката Џесика Бузас Манеиро со 2-0 во сетови (6-4, 6-2).
Препорачано
Иако во главната ждрепка влезе со специјална покана од организаторите, како 84-та на ВТА ранг-листата, Мбоко покажува дека целосно ја заслужува укажаната доверба. Поддршката од домашната публика ѝ беше силен ветер во грб, особено во првиот сет кој го доби со клучен брејк во осмиот гем. Во вториот сет таа веќе доминираше, не ѝ дозволи никаква шанса на Манеиро и со три нови брејка сигурно го заокружи патот до полуфиналето.
Со овој триумф, младата Канаѓанка само потврди дека сензационалната победа над светската број 2, Коко Гоф, во претходната рунда, не беше случајност, туку доказ за нејзиниот потенцијал.
Во полуфиналето, Мбоко ќе игра против една од најдобрите тенисерки во светот, Елена Рибакина. Казахстанката до полуфиналето стигна без да го доигра својот четвртфинален меч, откако Украинката Марта Костјук се повлече поради повреда при водство на Рибакина од 6-1, 2-1.


