Најголемиот носач на авиони во светот, американскиот „УСС Џералд Р. Форд“ - Извор Х

ВИДЕО | Најголемиот носач на авиони во светот исплови од Јадранот и се упати кон Иран

Најголемиот носач на авиони во светот, американскиот „УСС Џералд Р. Форд“, ја напушти Хрватска по петдневен престој во пристаништето Сплит кое беше искористено за поправки и ја продолжи својата мисија упатувајќи се кон американските воени сили на Блискиот Исток.

Поправки и дополнување на залихи во Сплит

Како што пренесуваат регионалните медиуми, во Сплит, членовите на екипажот го искористиле своето слободно време за да го посетат градот, а командантот Пол Ланселота остварил и средба со амбасадорката на САД во Хрватска, Никол Мекгроу, за да разговараат за ангажманот и подготвеноста на групата за мисијата.

Инаку, американскиот воен брод ја напушти областа на Блискиот Исток на почетокот на минатата недела откако беше оштетен во пожар што избувна во пералната и спалните соби за време на конфликтот со Иран. Во соопштението објавено неодамна, американската морнарица потврди дека поправките биле завршени и дека бродот е надополнет со залихи за време на неговиот престој во Сплит кои се потребни за продолжување на операциите на Блискиот Исток.

Зајакнување на военото присуство на Блискиот Исток

„УСС Џералд Р. Форд“ и неговата придружба беа испратени на Блискиот Исток кон средината на февруари за да се приклучат на други воени бродови веќе распоредени покрај брегот на Иран. Ова го зајакна американското воено присуство во регионот, неколку недели пред почетокот на заедничките американско-израелски напади.

Бродовите, вклучувајќи го и „УСС Абрахам Линколн“, служат како платформи за десетици авиони и илјадници војници кои учествуваат во воздушната кампања против Техеран, пренесуваат агенциите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот