ВИДЕО: МЗТ слави во Сплит – „металците“ остануваат во игра за опстанок во АБА лигата

фото: Split/Ivica Cavka

МЗТ Скопје Аеродром ја продолжува битката за опстанок во АБА-лигата, откако по голема борба, како гостин, го совлада фаворизираниот Сплит од Хрватска (77:74) и се изедначи по бројот победи со директниот ривал за избегнување на последното место, Борац Чачак.

Аеродромци до првата гостинска победа дојдоа со храбра игра во сите 40 минути и без никаков респект кон противникот, кој сезонава игра фантастично во славната арена „Грипе“.

Стартот со 8:0 го најави успехот на избраниците на тренерот Васко Атанасов (замената за Драган Николиќ кој е позитивен на ковид-19), која само во неколку моменти кон крајот на првата четвртина им дозволи на сплиќани да дојдат до водство.

Сето останато на оваа средба беше во знакот на „металците“, кои ја издржаа и канонадата тројки на Сплит во третата четвртина (пет). На крајот умешно ја задржаа предноста, која во неколку наврати беше и двоцифрена и сосема заслужено се радуваа на големиот триумф.

Војдан Стојановски одигра мајсторски и средбата ја заврши со 16 поени и седум асистенции, додека зад него беше неговиот брат-близнак Дамјан Стојановски со 13 поени. Двоцифрен поентерски ефект имаа уште Александар Бурсаќ со 12 поени и Мајк Кефи со 10 поени.

МЗТ сега има скор 6-19, додека Борац Чачак има 6-18, но и средба против фаворизираната Црвена Звезда в недела на домашен терен. На аеродромци за избегнување на испаѓањето им треба пораз на Борац Чачак на овој меч и на следниот на гости кај Будуќност, како и победа во пресметката против Цибона за една недела во „Јане Сандански“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот