ВИДЕО Македонија доби најсовремен робот за рехабилитација

Околу 30 пациенти месечно ќе може да добијат роботска рехабилитација на Универзитетската клиника за физикална медицина која денеска доби нов, единствен во државното здравство скап апарат за таа намена. Станува збор за апарат „Локомат“, кој чини 950 илјади евра и е набавен со пари на Министерството за здравство. Апаратот ги насочува нозете на пациентот врз основа на физиолошкиот модел на одење и нуди можност за делумна поддршка на тежината. Тоа го олеснува движењето на пациентите со различни патолошки состојби.

Согласно последните преговори со Фондот за здравство оваа процедура ќе биде ставена на товар на ФЗОМ (ќе се вметне посебен пакет за оваа услуга) и практично пациентите ќе треба да платат само партиципација. Лекарскиот колегиум од Клиниката ќе проценат кои пациенти ќе треба да ја користат оваа процедура. Во регионот еднодневна терапија на ваков „Локомат“ чини од 120 до 170 евра за еден ден.

Подготовката на пациентот и самата рехабилитација траат еден час во текот на денот.

Заменичката министерка за здравство, доктор Маја Манолева истакна дека се работи за најмодерен апарат во Европа.

-Ваквиот тип на роботска рехабилитација е единствен во регионот, така што Клиниката за физикална медицина и рехабилитација станува лидер на напредната технологија за рехабилитација. Роботската рехабилитација ќе има можност да се спроведува кај околу 30 пациенти месечно а ќе бидат опфатени и болнички и амбулантски пациенти. Целта со оваа терапија е да се овозможи побрза рехабилитација особено за подобрување на функционалноста на одот кај пациентите. За управување на новиот апарат спроведена е специјална стручна обука со инструктор од Швајцарија со 6 физиотерапевти од оваа клиника, истакна доктор Манолева.

Роботската рехабилитација е ново подрачје во неврорехабилитацијата и овозможува индивидуален облик на рехабилитација, со користење на најсофистициран роботски уред. Апаратот има монитор кој е компјутерски контролиран за прецизно и синхронизирано адаптирање на брзината на лентата, нозете на пациентот по одредена патека, кои имитираат физиолошки модел на одење.

-Роботската рехабилитација се кобинира со конвенционалните методи на физикална терапија и со кинезитерапија и покажува одлични резултати во заздравувањето на пациентите. Клиниката со поддршка на Светска банка следниот период ќе започне целосна реконструкција за подобрување на енергетската ефикасност на институцијата, додаде доктор Манолева.

Во Србија во државното здравство нема инсталирано ваков апарат.

-Само еден ваков апарат има во Србија, во приватна институција. Го нема ни во Албанија ни во Косово. Од регионот го има само во Грција и во Бугарија. Роботската терапија на голем број од нашите пациенти ќе им овозможи побрза и подобра рехабилитација, особено за подобрување на функционалноста и одот кај пациентите, рече министерот за здравство доктор Фатмир Меџити.

Невролошките заболувања, повредите на мозокот, мозочните удари или трауми, повредите на ѝрбетниот мозок и церебралната парализа, сите може да бидат причинители за потешкотии со чекорењето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот