ВИДЕО | Лазовски: Лицата со попреченост треба да се ослободат од институциите во кои живеат со години

Владимир Лазовски-Домовите за деца и лица со попреченост беа сегрегирачки и безлични, малите домови се одлична замена

Трети декември е посветен на лицата со попреченост, кој е своевиден потсетник на напорите што треба да се вложат за целосна инклузија во општеството за лицата со попреченост. Според проценките на СЗО, помеѓу 15-20 проценти од светското население се соочува со одреден вид на попреченост. Овој месец одбележуваме и десет години од ратификацијата на конвенцијата за правата на лицата со попреченост.

Еден од првите чекори за да се подобри состојбата на лицата со попреченост, е нивно ослободување од институциите во кои живеат со години. Ова денеска во Утрински брифинг го истакна Владимир Лазовски од Министерството за труд и социјална политика.

– МТСП утре ќе промовира два нови дома за живеење со поддршка и за живеење во заедницата за корисници кои до сега беа сместени во специјалниот завод Демир Капија. Едниот од домовите се наоѓа во Демир Капија, додека другиот во Неготино. Тоа значи дека уште десет лица ќе добијат подобри услови за живот, во дом кој по ништо не се разликува од ваквите домови во соседството. Во еден дом се сместуваат најмногу до пет лица кои гледаме да се усогласени по карактер. Се надеваме дека тоа ќе биде добра основа за нивно поактивно вклучување во заедницата. Лицата со инвалидитет кои излегуваат од специјалните резиденцијални установи добиваат 24 часовна поддршка која може да се намали во зависност од нивната здравствена состојба, објаснува Лазовски.

Тој вели дека резиденцијалните социјални установи се сегрегирачки и безлични институции каде што мора да живеете по еден утврден ред.

– Резиденцијалните социјални установи  се големи, сегрегирачки и безлични институции, каде што живеете по еден утврден ред, малку изолирани од општеството и од заедницата.  Тој тренд се менува. Се одвива интензивен процес на преселба на корисници кои беа сместени во резиденцијални социјални установи за долгорочно сместување. Во 2017 околу 500 лица беа сместени во вкупно шест установи низ земјата, од кои три детски и три за возрасни, денеска овој број изнесува 230 возрасни лица. Од пред две години нема ниту едно дете под 18 години, што живее во институција, туку во згрижувачко семејство, кое е многу блиску до семејната средина.  Дефинитивно тоа е подобар начин за живеење, имате свое катче, приватност и слобода да одлучите во колку часот ќе појадувате, нагласува Лазовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот