ВИДЕО l Ифрит лута мајка си го вратила детето од Грција, од агенцијата тврдат дека се рекетирани

Скопјанка, незадоволна од условите во кои нејзината 10-годишна ќерка летувала во Грција, ја зела со автомобил предвреме, откако се уверила дека тоа што ѝ било загарантирано со аранжман при плаќањето во агенцијата, не го добила за возврат.

Ана Новевска, мајка на десетгодишно девојче, викендов возела до Неа Скиони, за што морала да плати и дополнително за тестирање. Аранжманот чинел 15.490 денари, меѓутоа Новевска вели дека нема намера да ги бара парите назад бидејќи одморот на нејзиното дете бил комплетно уништен.

Туристичката агенција „Дипломатик“ пак, најави дека ќе ја тужи Новевска за нарушување на нивниот углед и реноме на социјалоните мрежи. Оттаму за „Слободен печат“ велат дека оваа родителка била единствената што се пожалила, иако при плаќањето потпишала договор во кој се согласила на понудените услови.

 Кал наместо базен

– Отидов да го земам моето дете, зашто од тоа што ни беше ветено, не добивме ни 10 проценти. Условите кои ни ги понудија не беа исполнети. Платив 250 евра за седум дена и ни беше речено дека исхраната во хотелот ќе биде на база на полн пансион, шведска маса за појадок и вечера, како и порција за ручек. Ќерка ми побарала повеќе помфрит за ручек, но и одговориле дека не може да добие, зашто ќе немало за другите деца. Во понудата имаше фотографии од прекрасен базен, но кога пристигнав таму, тој беше полн со кал, како мочуриште, не беше исчистен и празен. Шведска маса немаше, ниту интернет во целиот хотел, како што беше ветено. Ќерка ми секој ден ми се јавуваше по пет-шест пати да се жали и дека наставничката ѝ кажала дека ако не престанам да објавувам за скандалот на Фејсбук, тогаш ќе биде вратена во Скопје. Јас самата отидов да ја земам, нема да дозволам некој да го вознемирува моето дете – изјави Новевска за „Слободен печат“.
Според нејзините сознанија, кои туристичката агенција ги негира, и други незадоволни родители порано си го зеле детето. Сашо Петрушевски од туристичката агенција „Дипломатик“, пак, најави дека ќе ја тужат Новевска. Според него, ова патување е рутинско, организирано години наназад, а освен посочената, никој друг не се пожалил. Тој негираше дека храната била еднолична и рече дека на децата им биле сервирани оброци различни по квалитет.

 Агенцијата ќе тужи

– Родителката снимала и фотографирала само тоа што ѝ одговара. Ќе покренеме постапка за нарушен рејтинг. Условите воопшто не се такви какви што ги претставила и никој освен неа не се пожалил. Базенот требало да биде исчистен, меѓутоа тој не е во функција поради ковид-протоколите. Години наназад ги организираме овие екскурзии и досега вакви поплаки не сме имале. Имаат и договор потпишано со кој што изјавуваат дека ја имаат запознаено целата програма. Во договорот пишува дека се сместени во хотелот на база на полни пансиони и така се спроведува. Иако поради ковид-протоколите не смее да има шведска маса, сепак има доволно храна која што им е достапна на децата. Ова е типична изнуда на пари и типичен рекет. Вчера се вратив од Грција и имам точно слики од тоа што се случува на лице место – рече Петрушевски за „Слободен печат“.

Организацијата на потрошувачите советува да не се договара усно

Од Организацијата на потрошувачите велат дека вообичаено во текот на летото поплаките се почести, но оваа сезона нема многу, затоа што сезоната е на почетокот.

– Она што им го кажуваме на патниците е детално да се договорат со агенцијата за сите детали од аранжманот и не усно, туку сите аспекти да бидат писмено наведени во договорот за да реагираат доколку има потреба. Ако има базен, во договорот треба да го пишува тоа. Ако овие детали се усно договорени, потрошувачите може и да не го добијат тоа што го бараат. Во овој случај гледам дека базенот не е исчистен, шведска маса нема и храната е во мали количини. Родителите во рок од 8 дена можат да поднесат пријава до Агенцијата за да им врати одреден процент од уплатата, зашто не се испочитувани условите од договорот – изјави за „Слободен печат“ Татјана Тасевска од Организацијата на потрошувачи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот