ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Васко Наумовски: Лидерите да се договорат како ЕУ да гарантира за уставните измени

Васко Наумовски - професор / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Оваа година за разлика од годините наназад имаме потензична атмосфера кога станува збор чествувањето на роденденот на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Доколку би се навратиле наназад и напарвиме споредба како во минатото се одбележувале овие датуми, можеме да заклучиме дека оваа година имаме најави за голем број на личности кои планираат да допатуваат од Бугарија. Секој оној кој што ќе сака да даде почит на еден достоинствен начин на нашиот великан Гоце Делчев, сметам дека треба да му се даде можност. Главен предизвик овде за македонските власти е да се оневозможат нови провокации, онакви какви што имавме во неколку прилики неодамна. Да се внимава на политичарите кои што ќе дојдат овде да не се обидат да го злоупотребат нашето гостопримство, се со цел да добијат поголеми политички поени дома во пресрет на изборите – истакна универзитетскиот професор и поранешен вицепремиер за европски интеграции Васко Наумовски при гостувањето во емисијата „Утрински печат“.

– Добро е што изминатите неколку денови имаше определена активност на двете министерства за внатрешни работи и двете тајни служби. Според она што јас го имам како информација постоеле и некакви охрабрувања и од останатите сојузнички држави да не се дозволи две НАТО земји членки да влезат во некаков конфлик, и од таму верувам дека нашите институции ќе направат се утрешното чествување да помине во најдобар ред – вели Наумовски.

Професорот Наумовски во емисијата ги коментираше и кои се ставовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во однос на вметнувањето на бугарскиот народ во Уставот како услов за наше продолжување на европскиот пат но и стравувањата од нови блокади од Софија на патот кон ЕУ.

– Во опозицијата не постои пречка ниту пак противење т.н. помалите етнички заедници, бугарската, хрватската и другите да влезат во Уставот. Меѓутоа проблемот е што ние немаме никаква гаранција дека понатаму Бугарија или пак друга држава членка на ЕУ нема да не блокира во текот на преговорите. Неопходен е широк, пред се општествен но и политички дијалог меѓу сите чинители во земјава со кој ќе се разгледаат сите опции и сценарија кои би настанале со евентуалните уставни измени. Едноставно треба политичарите и од власта и од опозицијата да седнат и да разговараат за ваквите важни прашања и да се дојде до заклучок што е тоа што би можело да овозможи напредок на земјава. Дали тоа е некаков документ од некоја европска институција, декларација или пак резолуција со која би се гарантирало нашето напредување а тоа во исто време би било прифатливо како добра основа со која опозицијата би се сложила за вметнување на Бугарите во Уставот на земјава е само една од опциите за кои треба да се разговара и размислува – објасни Наумовски.

Поранешниот вицепремиер за европски интеграции Васко Наумовски во емисијата говореше и за реформскиот процес на институциите во однос на скрининг процесот. Зборуваше и за борбата со корупцијата на институциите во земјава но и за тоа зошто Бугарија беше одбиена од страна на ЕУ да стане членка на шенген зоната.

Повеќе од разговорот со Васко Наумовски погледнете во видеото во продолжение..

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот